32
1 Н. Чаусидис, Археологија // Енциклопедија Македоника 4 (мултимедијален ЦД- РОМ), Скопје: Семос Мултимедија, 55 – 69. АРХЕОЛОГИЈА ПРЕДИСТОРИСКА ЕПОХА ЕПОХА НА КАМЕНОТ: ПАЛЕОЛИТ (СТАРО КАМЕНО ДОБА) Најран период на предисториската епоха, а со тоа и воопшто во историјата на човештвото. Се датира меѓу 2 милиони години и околу 8000 г. пне. Во текот на овој период, човекот постепено се издвојува од животнската сфера и формира култура. Егзистира така што ги црпи готовите ресурси од природата (лов, риболов, собирање, плодови од дивите растенија). Живее во мали заедници, населени во приспособени живеалишта: пештери, заветрини под карпите, колиби и шатори, а подоцна и во земјанки, т.е. куќи вкопани в земја, покриени со кров од органски материјали. Во овој период, палеолитскиот човек, постепено ја усовршува вештината на правење орудија. Ги изработува од разни видови камен, со техника на удари и откршувања, со што се добива саканата форма (налик на секира, нож, клин, чекан). Потоа, вака изработените орудија ги дополнува со други делови од органски материјали (рачки и други елементи од дрво, коска и кожа). Остатоците од палеолитскиот период, на почвата на Република Македонија се сеуште ретки. Нивната старост приближно се проценува меѓу 100 000 и 20 000 г. пне. Станува збор за типични орудија од камен, изработени по пат на откршување. Откриени се кај село Кристифорово, Битолско, пештерата "Макаровец" кај с. Ораовец, Велешко и пештерата "Голема Пешт" кај с. Здуње, Брод. Се смета дека овие орудија им припаѓале на човековите претци од родот Homo sapiens sapiens (Разумен човек), а некои можеби и на родот Homo sapiens neanderthalensis (Неандерталски човек). Во обата случаи се работи за родови кои речиси сосем го достигнале биолошкото ниво на денешниот човек. Во овој период, подрачјето на Македонија изобилувало со шуми, степи, бројни езера и мочуришта, богати со флора и фауна. Тоа обезбедувало услови за лов, риболов и собирање плодови од дивите растенија, а со тоа и егзистенција на тогашниот човек. Крајот на палеолитот и преминот кон следниот - неолитски период, се определува како преоден период и се нарекува Мезолит (Средно камено времне). Трае меѓу 8000 и 7000 г. пне.

Chausidis Arheologija Enc. Maced

  • Upload
    darko-

  • View
    116

  • Download
    2

Embed Size (px)

Citation preview

Page 1: Chausidis Arheologija Enc. Maced

1

Н. Чаусидис, Археологија // Енциклопедија Македоника 4 (мултимедијален ЦД-РОМ), Скопје: Семос Мултимедија, 55 – 69.

АРХЕОЛОГИЈА ПРЕДИСТОРИСКА ЕПОХА ЕПОХА НА КАМЕНОТ: ПАЛЕОЛИТ (СТАРО КАМЕНО ДОБА) Најран период на предисториската епоха, а со тоа и воопшто во историјата на

човештвото. Се датира меѓу 2 милиони години и околу 8000 г. пне. Во текот на овој период, човекот постепено се издвојува од животнската сфера и формира култура. Егзистира така што ги црпи готовите ресурси од природата (лов, риболов, собирање, плодови од дивите растенија). Живее во мали заедници, населени во приспособени живеалишта: пештери, заветрини под карпите, колиби и шатори, а подоцна и во земјанки, т.е. куќи вкопани в земја, покриени со кров од органски материјали. Во овој период, палеолитскиот човек, постепено ја усовршува вештината на правење орудија. Ги изработува од разни видови камен, со техника на удари и откршувања, со што се добива саканата форма (налик на секира, нож, клин, чекан). Потоа, вака изработените орудија ги дополнува со други делови од органски материјали (рачки и други елементи од дрво, коска и кожа).

Остатоците од палеолитскиот период, на почвата на Република Македонија се сеуште ретки. Нивната старост приближно се проценува меѓу 100 000 и 20 000 г. пне. Станува збор за типични орудија од камен, изработени по пат на откршување. Откриени се кај село Кристифорово, Битолско, пештерата "Макаровец" кај с. Ораовец, Велешко и пештерата "Голема Пешт" кај с. Здуње, Брод. Се смета дека овие орудија им припаѓале на човековите претци од родот Homo sapiens sapiens (Разумен човек), а некои можеби и на родот Homo sapiens neanderthalensis (Неандерталски човек). Во обата случаи се работи за родови кои речиси сосем го достигнале биолошкото ниво на денешниот човек. Во овој период, подрачјето на Македонија изобилувало со шуми, степи, бројни езера и мочуришта, богати со флора и фауна. Тоа обезбедувало услови за лов, риболов и собирање плодови од дивите растенија, а со тоа и егзистенција на тогашниот човек.

Крајот на палеолитот и преминот кон следниот - неолитски период, се определува како преоден период и се нарекува Мезолит (Средно камено времне). Трае меѓу 8000 и 7000 г. пне.

Page 2: Chausidis Arheologija Enc. Maced

2

НЕОЛИТ (МЛАДО КАМЕНО ДОБА) (околу 7000 - 3000 г. пне) Во овој предисториски период ќе се случат неколку промени во човековата

култура кои се земени за повод, тој да се издвои како нов стадиум на историјата. На подрачјето од Југоисточна Европа и Источниот Медитеран, а во тие рамки и Македонија, овој период приближно се датира меѓу 7000 и 3000 г. пне., при што се дели на три подфази - ран, среден и доцен неолит. Го обележуваат неколку важни иновации во начинот на егзистенција на тогашниот човек. Покрај ловот и собирањето плодови, како дополнителна, а подоцна и како главна компонента за егзистенција, тој започнува да го практикува земјоделито т.е. култивиранњето и одгледувањето на растенијата. Покрај земјоделито, како придружна гранка се јавува и сточарството - припитомувањето и одгледувањето на некои видови диви животни (овца, коза, свиња, говедо). Ваквиот активен и независен однос кон природата ќе доведе до пораст на популацијата и формирање поголеми и посложено организирани заедници. Во овој период се појавува и керамиката - нов материјал т.е. технологија, која ќе остави силен печат врз целата епоха.

Подрачјето на Македонија се смета за едно од најстарите и најважни јадра на неолитската култура во Европа, Медитеранот и воопшто во светот. Има показатели дека тоа одиграло важна улога во пренесувањето на неолитските традиции од Блискиот Исток и Мала Азија кон северниот Балкан и Европа. На почвата на Р. Македонија, врз основа на површински наоди се констатирани околу 200 наоѓалишта од овој период, а на неколку десетини од нив се вршени и археолошки ископувања. Откриените наоди, овозможуваат определување на неколку кулурни групи во овој регион, кои од денешен аспект би можеле да ги наречеме племиња или народи. Нивните називи секако не ги знаеме, поради отсуствоито на пишани документи, па оттука ги нарекуваме според имињата на клучните наоѓалишта. Во раниот и средниот неолит во Источна Македонија егзистирала културната група "Амзабегово - Вршник", веројатно најстара на овој дел од Балканот (според наоѓалиштата кај с. Амзабегово, Свети Николе и "Вршник" кај с. Таринци, Штип). Во Пелагонија, а можеби и пошироко во Западна Македонија егзистирала култура со нешто поинакви обележја, наречена "Велушина - Породин" (с. Велушина и с. Породин кај Битола). Охридско - Преспанскиот регион, во овој период гравитира кон Јадранската зона, што му дава специфики на засебна културна група, наречена "Зластрана" (според наоѓалиштето кај с. Горно Средорече, Охрид). Во доцната фаза на неолитот, културите од источниот и северниот дел на Р. Македонија доживуваат силни влијанија од северниот Балкан (од тнр. Винчанска култура), проследено со уривање, но и обнова на некои од постарите населби. Ова доведува до промени т.е. формирање на нова култура со поинакви обележја, наречена "Ангелци - Зелениково" (наоѓалишта кај селата Ангелци, Стумица и Зелениково, Скопје). Специфичните проимени во Охриско - Преспанскиот регион во доцниот неолит се означени со групата "Устје на Дрим" (наоѓалиште во Струга) под чие влијание, во Пелагонија се формира културата "Мала Трнска Тумба" (с. Трн кај Битола). Последните неколку години покажаа дека во Скопскиот регион, во неолитскиот период егзистирале многу богати населби (кај селата Говрлево, Маџари и Зелениково). Материјалот откриен во нив носи обележја и на културите од источниот и од западниот дел на Македонија.

Анализирајќи ги подоцнежните антички пишани извори, некои истражувачи претпоставуваат дека неолитското население од централниот и јужуниот Балкан, делумно го зачувало својот идентитет, се до првиот милениум п.н.е. Се смета дека нивните прежитоци треба да се бараат зад името на народот Пелазги т.е. Пеласти (во значење на "луѓе од рамниците") кое се појавува во античките пишани извории, а се однесува на древните балкански староседелци.

Page 3: Chausidis Arheologija Enc. Maced

3

Населби и живеалишта. Земјоделието и сточарството го условиле лоцирањето на населбите од овој период на благи возвишенија (денес именувани како "Тумби") во добро наводнети рамници или на ниски тераси близу полето или висорамнината. Формирани биле во вид на помали села со неколку десетини четвртести надземни куќи, секоја со површина од по неколку десетини квадратни метри. Носечката конструкција на куќите била дрвена, од дебели колци набиени во земјата, премостени со греди. Преградните ѕидови - од преплетени прачки или цепени греди, облепена со глина. Кровот бил покриен со органски материјал: дебели слоеви од грижливо наредена слама, а можеби и премази од глина. Објектите откриени во внатрешноста на куќите, укажуваат на функционално расчленување на просторот. Тој не бил преграден со внатрешни ѕидови, туку со ниски банкини, паравани или завеси. На тој начин се издвојувал: - простор за складирање на храната (застапен преку бројни садови за чување храна); - простор за произвотство на текстил (преку тегови за разбој, игли, вретена и макари); простор за подготовка на храната (претставен со огништето или калотестата глинена печка, мелниците за жито и садовите за готвење). Околу огништето и печката се лоцирани и повеќето култни предмети, што говори за тоа дека оваа зона, била средиште и на духовниот живот, околу кој се одвивале обредите и магиските постапки. Овие информации за изгледот и организацијата на неолитските куќи ги дознаваме врз основа на темелите и подовите откриени при археолошките ископувања, но и од бројните керамички модели на куќи кои во овој период се изработувале како култни предмети.

Керамика. Најголемиот дел од наодите во неолитските населби се изработени од керамика т.е. печена глина. Тоа се пред се разновидни садови со форми приспособени за својата намена: питоси - големи садови за складирање на намирници; мешести садови (аскоси) и амфоровидни садови за пренос и чување течности; лонци - огнишни садови за готвење; чинии, паници, чаши за подготовка на храната и нејзино консумирање. Површината на дел од овие садови е украсена со орнаменти. Едни се изведени по пат на втиснување или врежување во глината пред нејзиното печење, додека други - со боење на садот во една боја или досликување орнаменти во друга боја (спирала, цик - цак, ромб ...). Оваа доработка била мотивирана од практичните, магиско - религиските и естетските потреби на тогашниот човек. Значителен дел од керамиката припаѓа на култните предмети: фигурини на женски митски ликови или божества, животни; разни предмети (условно наречени жртвеници) во вид на модели на куќи, масички и садчиња подигнати на ногарки. Од керамика се изработувале и орудија: печати за отиснување орнаменти, тегови за разбој, пршлени за вретена итн.

Орудија и оружје Во овој период продолжуваат да се изработуваат орудија од камен, при што, за разлика од палеолитот, покрај техниката на откршување (ножиња, стрели), се практикува и брусењето (разни видови секири). За последнава техника, како суровина се користеле видови камен од магматско потекло (гранит, базалт ...). Покрај огништето и печката се често присутни мелниците за жито, составени од еден рамен камен на кој се ставало жито и еден помал со кој тоа се триело, за да се сомеле. Чести се и орудијата од коска и рог (шило, игла, шпатула, харпун).

Религија. Неолитскиот период е проследен со специфична духовна култура, која е во сооднос со тогашната еколошка и стопанска база. Во нејзината основа стои женскиот прицип, што значи дека сето човеково окружување (околниот свет, процесите во природата, општеството) се разбирало и толкувало низ клучот на жената, нејзините биолошки функции и нејзиниот систем на вредности. Доминантен елемент на вселената била земјата, изедначена со некаква Голема Мајка која го раѓа и отхранува сиот свет. Тоа покажува дека и во основата на неолитското општество, голем акцент бил даден на жената. Оттука е сосем сигурно дека и земјоделието - клучната стопанска гранка на епохата, било под целосно покровителство на оваа божица. Религијата на овој период, во Македонија е највпечатливо претставена преку бројни керамички и камени статуети или жртвеници, обликувани во вид на садови, куќи, животни (елен, коза, свиња, птица

Page 4: Chausidis Arheologija Enc. Maced

4

..) или фигури на Божицата - Мајка, како симбол на плодната земја, на куќата и на семејството. Иако поретко, се јавуваат и машки фигури, често со потенциран полов орган ("Адам" од Говрлево, Зелениково). Очевидно го претставувале митскиот придружник на Божицата - Мајка, неопходен за поттикнување на нејзината плодност. Особена специфика на македонските наоѓалишта се култните предмети во вид на антропоморфизирана куќа. Тоа се повеќе или помалку стилизирани модели на куќи, на чиј кров е насадена човечка глава (Породин, Велушина) или допојасна фигура на жена (Црнобуки, Битола, Маџари и Мршевци кај Скопје, Д. Палчиште, Тетово), некаде прикажана како бремена (Говрлево). Постои мислење дека се работи за претстава на обоготворената куќа, прикажана како жена ("Мајка - Куќа") која ги раѓа, штити и храни своите станари. На неколку наоѓалишта (Амзабегово, Маџари), се откриени гробови, вкопани под подот на куќите, во кои покојниците биле легнати на бочно, во згрчена поза (поза на фетус или поза на спиење).

ЕПОХА НА МЕТАЛИТЕ ЕНЕОЛИТ (БАКАРНО ДОБА) (околу 3100 - 2100 г. пне) Кон крајот на четвртиот милениум од старата ера, Балканот го зафаќаат големи

промени, предизвикани од етничките раздвижувања на просторот од Средна, Источна Европа и Северозападна Азија. На тлото на Балканот, а во тие рамки и Македонија, овие промени укажуваат на масовно доселување на нови популации од север. Трасата на нивното мигрирање може да се насети преку картирањето на некои наоди што припаѓале на овие нови доселенци. Таков е случајот со еден тип камени култни предмети во вид на стилизирана глава на коњ. Пронајдени се во северозападното крајбрежје на Каспиското Море, Јужното Прицрноморје, Романија и Бугарија. Најјужниот засега познат ваков примерок е откриен во Пелагонија (Суводол кај Битола). Станува збор за големи миграции на Индоевропејците кои на овие простори ќе донесат еден поинаков принцип на егзистенција, базиран на номадското сточарство т.е. одгледувањето добиток, проследено со чести селења на нови - побогати пасишта. Ваквата стопанска база го диктира и поинаквото општествено организирање на овие популации. За разлика од земјоделските заедници, во нив доминира машкиот принцип, што на општествено ниво се манифестира како патријархат - социјална организација во која домнинира и владее мажот. Во споредба со мирољубивите земјоделци, во овие заедници е силно изразена воинственоста. Освен интензивното сточарење, новонаселените популации, на Балканот ќе го донесат и принципот на утилитарна примена на металот како орудие и оружје. Овие промени ја воведуваат на Балканот новата епоха на металот.

Во Македонија, како и пошироко на Балканот, археологијата ги констатира овие миграции преку силно уривање и палење, а потоа и замирање на постарите неолитските села, или присуство на нови, дотогаш непознати предмети во обновените фази на овие населби (нови типови керамика и метални орудија). Наоѓалиштата од овој период во Р. Македонија не се особено бројни, што се должи на недоволната истраженост, меѓу другото и поради фактот што во идните епохи врз нив ќе бидат изградени нови населби. Засега, таквите наоѓалишта се сконцентрирани по долината на Вардар, во Пелагонија и Егејска Македонија. Материјалот откриен во нив укажува на непосредни врски на овој регион со балканските културни комплекси од околните подрачја (Србија, Романија и Бугарија). Сепак, тој покажува и свои специфичности, што наведе на негово издвојување како засебна култура, наречена "Шуплевец - Бакарно Гумно", според засега најзначајните наоѓалишта од овој период ("Шуплевец" кај с. Суводол, Битолско и "Бакарно Гумно" кај с. Чепигово, Прилепско). Поради недоволна истраженост, сеуште не може да се изведе диференцијација на подрачјето на Р. Македонија на локални културни групи.

Page 5: Chausidis Arheologija Enc. Maced

5

Населби и живеалишта. Во овој период, се констатираат два основни типа населби. Од една страна, тоа се населби изградени на доминантни ридови, лоцирани на стратешки важни позиции (први од ваков вид во Македонија). Овие населби, биле окружени со бедеми насипани со земја и камен и дрвена ограда на сртот, што им дава карактер на први зачетоци на подоцна појавените градови (примери: долни пластови на тврдината "Кале" во Скопје, Бурилчево, Кочани, Суводол, Битола и Чепигово, Прилеп). Вториот тип населби всушност претставуваат обнова на постарите неолитски рамничарски села, што говори за преживувањето на старите неолитски традиции и симбиоза на месното население со нововдојдените (примери: Карамани, Кравари и Црнобуки кај Битола). Во Р. Македонија не се вршени пообемни ископоуавња на енеолитски наоѓалишта. Врз основа на неколкуте такви ограничен истражувања, може да се претпостави дека куќите од овој период, по својата конструкција и изглед наликувале на претходните од неолитскиот период. Кај некои од нив се забелкежува нова техника - ѕидање со камен и кал. Во Охридско - Преспанскиот регион продолжува традицијата на градење наколни населби (Враништа, и Устје на Дрим, Струга). Денес нема никакви остатоци од овие куќи, но нивното присуство се констатира врз основа на бројни дрвени колци забиени во дното на езерото и материјалот (керамика, орудија ...) што паѓајќи од куќите се нашол на дното.

Керамика. Демографските и културни промени јасно ги потврдуваат и новите форми на керамиката. Енелоитските керамички садови се моделирани на начин кој е поинаков од неолитските: со подебели ѕидови, аглести профили, појава на вертикални држалки кои пред тоа не постоеле. Бојата на керамиката е со темни т.е. кафеави, и црни нијанси, што се должи на инаквиот избор на материјалот и различната технологија на печење. И декорирањето се изведува на инаков начин: најчесто како орнаментирање со втиснување јаженце во непечената глина или како низа од ситни точки изведени со радло (влечење назабено тркалце по свежата глина). Боењето на садовите е многу слабо присутно, често со тнр. графитен лак, кој дава сив метален отсјај. Продолжуваат да се изработруваат и култни фигурини на Божицата - Мајка, но со значително постилизирани и постандардизирани форми.

Орудија. Орудијата и натаму продолжуваат да се изработуваат од камен и тоа во техника на откркршување (ножиња и стрели), но и брусење (секири од камен со магматско потекло). Зачестува појавата на брусени камени орудија со отвор за всадување рачка (секири, чекани). Во овој период за прв пат се јавуваат и орудија од метал. Станува збор за бакарни ножиња, шила и секири. Изработувани се по пат на леење во камени калапи, по што следело нивно ковање, за да се зацврсти металот и брусење на острилото. Сепак, се смета дека поради лошите ствојства на бакарот, неговата крутост и недоволна цврстина, овие орудија повеќе имале култен т.е. церемонијален отколку утилитарен карактер. Сечила од ова време се откриени во с. Велмеј, Охридско и во Прилеп. Кај с. Кравари, Битолско, освен готова секира е откриен и калап за леење такви орудија, што говори за постоење локална металургиска работилница.

Религија. Доминацијата на машкиот принцип, на духовно ниво се манифестира како опседнатост со небеското (сонце, молња, гром, невреме) и енергетското (оган), симболички претставени како маж - татко - владетел на вселената. Како последица на овие духовни промени, се јавува нов обичај на погребување на покојниците. Сега, тие се спалуваат, со цел, нивниот суштествен елемент (душата) да му се предаде на Таткото - Небо. Материјалните остатоци (пепелта од кремираното тело) се ставаат во керамички сад (урна) и се закопуваат в земја. Во енеолитскиот период, ваквата практика е констатирана на бројни наоѓалишта низ Европа и Балканот, но на тлото на Р. Македонија сеуште не е потврдена. Досегашните наоди покажуваат дека кај нас, наведениве традиции не биле доволно прифатени, туку во голема мера смешани со древните земјоделски култови. Како плод на ова, во некои подрачја може и натаму да се следи присуството на старите неолитски идолчиња во вид на женски фигури (Суводол и Црнобуки кај Битола, Врбјани, Прилеп и Бурилчево, Кочани).

Page 6: Chausidis Arheologija Enc. Maced

6

ХАЛКОЛИТ (БРОНЗОВО ДОБА) (околу 2100 - 1100 г. пне) Сите обележја на енеолитскиот период го следат и бронзовото доба, чиј почеток,

на просторите од Македонија се поставува на преминот од третиот кон вториот милениум од старата ера. Големите раздвижувања започнати во претходниот период, сега донекаде се сталожуваат. Новите културни обележја на доселениците се претопуваат со оние на автохтоното население од овој дел на Балканот. Како плод на ваквата симбиоза, повторно се појавуваат некои од обележјата на староседелците, иако во извесна мера изменети. За ова говори фактот што некои населби од овој период се наслојуваат над неолитските рамничарски села или над енеолитските укрепени "градишта". Но и во овој период продолжуваат воените и демографски напливи од север. Доаѓаат нови популации кои поминуваат низ Македонија, а дел од нив и се населуваат во неа. Се смета дека во доцно - бронзовото време (14 - 13. век пне.) ќе заврши разместувањето на главните групации на старобалканските популации. Поради отсуството на пишани извори, тие во науката се нарекуваат условно, со следните називи: Пра-Тракијци, Пра-Грци, Пра-Илири. Тука се и народите кои егзистирале во Централниот Балкан, а во тие рамки и Македонија: Пра-Бриги, Пра-Пајонци и Пра-Дако-Мизи. Но, век или два подоцна, нивните имиња ќе се појават во пишаните документи на соседните антички цивилизации. Со тоа, подрачјето на Македонија започнува постепено да навлегува во историската епоха. Сега за прв пат имаме непосредни информации (пишани историски податоци) кои се однесуваат на народите што во тоа време ја населувале Македонија. Така, во еден египетски натпис од времето на фараонот Рамзес II (14-13. век пне.) се спомнуваат Дарданците и Мизите, а пак во асирските документи од 12. век пне. народот Мушки, за кој се смета дека имал мизијско - бригијско потекло. Круна на овие историски факти, најрани во рамките на цела Европа, е секако Хомеровата "Илијада", од која се дознава за имињата на неколу народи што во овие векови ја населувале Македонија и пошироко - Централниот Балкан (Дарданци, Пајонци, Пелагонци ...). Во "Илијадата" се опеани и нивните водачи и митологизирани предци, но и генетските врски со Тројанците. Според Хомер, Дарданците (наведени како градители на тројанските ѕидини), под Троја дошле пет генерации пред владеењето на Пријам. Современите истражувања го истакнуваат и значењето на Бригите кои, кон крајот на бронзовото доба го населувале југозападниот дел на Македонија и голем дел на денешна Албанија. Во наредните векови, дел од нив ќе се пресели во Мала Азија, каде ќе го формира познатото Фригиско кралство.

Крајните фази на бронзовото доба се издвојуваат како засебен Преоден период кој се датира меѓу 1200 и 1100 г. пне.

Населби и живеалишта. На подрачјето на Р. Македонија не се вршени пообемни истражувања на населбите од овој период. Врз основа на ограничените ископувања, може да се заклучи дека и во овој период, преживуваат старите традиции. Во регионите покрај главната Вардарска комуникација, продолжуваат да се развиваат наведените енеолитски населби, лоцирани на доминантни ридчиња покрај долините (Пелинце, кај Куманово, "Кале" во Скопје, Уланци кај Велес, "Градина" кај Демир Капија, Чепигово и Варош, Прилеп). Во рамниците оддалечени од оваа магистрала и натаму трае животот на древните неолитски и енеолитски населби лоцирани во рамниците (Радобор и Карамани кај Битола, Асамати, Ресен, Долно Палчиште, Тетово). Во обата случаи, во овие населби егзистираат стандардни надземни живеалишта од дрвена конструкција, облепена со глина (плитар) или ѕидани од камен и кал со кров од органски материјали. Во Охридскиот базен и натаму егзистираат наколни населби (Калишта, Струга и Пештани, Охрид).

Керамика. Керамичките садови во овој период се формираат како мошне продуктивно мешање на две компоненти: од една страна тоа се новите облици кои и

Page 7: Chausidis Arheologija Enc. Maced

7

натаму доаѓаат од север, а од дуга - месните енеолитски садови кои влечат корени од неолитот. Доминира керамиката печена во сиви и сиво - црни нијанси. Од една страна, тоа се погруби садови за готвење и складирање храна, со дебели ѕидови и од друга - пофини трпезни садови, најчесто чаши со една и пехари со две рачки, кои често го надвисуваат венецот на садот. Украсувањето е почесто изведено со втиснување и врежување геометриски орнаменти во свежата глина, а поретко и по пат на боење. Во доцното бронзово и преодниот период кон железното доба, се диференцираат две украсни техники. Од една страна, под влијанија од север, тоа е техниката на врежување орнаменти во кои се вметнува светла боја. Од друга страна, под влијание на микенската керамика, се јавува орнаментирање со фирнисен лак - смеса составена од ленено масло и железен оксид, која по печењето на садот дава цврста темна боја.

Орудија и оружје. Овој период го добил својот назив од страна на истржувачите, и тоа поради новиот метал што се појавува за прв пат во ова време. Тоа е бронзата - легура на бакар со мал процент на калај. Поради своите својства (цврстина и еластичност), таа започнува масовно да се користи за изработка на орудија, односно пред се оружје. На неколку наоѓалишта во Р. Македонија се откриени такви предмети. Најчесто се работи за секири со едно или со две сечила, изработувани по пат на леење во калапи и натамошно ковање и брусење (пример од Кравари, кај Битола). Наодите на камени калапи го докажуваат постоењето и на локални металуршки работилници. Подоцна се појавуваат и мечевите (Беранци кај Битола и Присад, Прилеп). Најинтересен во таа смисла е мечот од Тетово, изработен во некоја работилница од Микенскиот културен круг, веројатно за потребите на некој локален владетел. Микенските врски ги одразуваат и остатоците на шлем откриен во некрополата "Клучка-Хиподром", крај Скопје. Обложен бил со заби од вепар, што е форма типична за микенските воини. Во централниот гроб на некрополата кај Беранци, Битола, покрај мечот е најдено и бронзено двојно секирче кое очевидно имало неколку паралелни функции: брич, накит - амулет и симбол на општественото достоинство на носителот.

Религија. Во овој период, под влијание на моќната култура на староседелците, доаѓа до извесно урамнотежување на двата принципа - на женскиот принцип, проициран во статичните елементи (земја, вода), поистоветени со биолошките функции на жената, и на машкиот принцип, инкарниран во динамичните елементи (оган, светлина, гром, молња), поистоветени со биолошките и општествените функции на мажот. Двата наведени концепти во Македонија можат да се следат преку погребните обичаи. Од една страна, тоа се гробовите со инхумирани покојници кои и се предавале на Мајката - Земја, легнати странично, во полузгрчена поза. Такви гробови - цисти (во вид на сандак од камен) се пронајдени во Беранци, Битола, Водоврати и Уланци кај Велес. Од друга страна, тоа се гробовите со кремирани покојници, чија душа како суштествен дел на човекот, преку кремацијата се ослободувала од телото и доспевала во светите небески зони. Овие гробови се претставени преку керамичките садови - урни наполнети со пепелта од покојникот и вкопани во земја (примери: Дебреше, Гостивар, Кравари, Битола, Варош, Прилеп, Клучка - Хипоиодром, Скопје). Покрај укрепената населба кај Пелинце, Куманово, на едно возвишение е откриено светилиште, каде се ритуално спалувани жртви - очевидно во чест на небеските божества. Во некрполата кај Уланци, Велес е откриен засега првиот кај нас каменен надгробен споменик, на кој е прикажана фигура на воин, (очевидно покојникот, изедначен со некој митски херој или бог). Облечен е во наметка со реси, на појасот и градите препашан со ремени и наоружан со меч и секира.

Page 8: Chausidis Arheologija Enc. Maced

8

ХАЛШТАТ (ЖЕЛЕЗНО ДОБА) (1100 - 600 / 500 г. пне) Називот Халштат доаѓа од истоименото наоѓалиште во Австрија, врз база на

кое се определени особеностите на овој период во Европа. Вториот назив се должи на масовната употреба на железото, за прв пат во овој период. Во Македонија, железното доба настапува пред крајот на вториот милениум, по последниот голем бран на етнички поместувања што од север го заплиснува Балканот. Се дели на четири подфази: - преоден период (12-11 век); рано (11-8 век) и развиено железно доба (8-6. век) и архајски период (6-5 век). Двете крајни подфази го означуваат постепениот премин кон соседните периоди - крајот на бронзовото доба и почетокот на раната антика.

Подрачјето на Р. Македонија е мошне богато со наоѓалишта од овој период. Ископувањата вршени на нив (особено некрополите) овојзможија, врз основа на откриените наоди да се издвојат неколку културни групи со свои етно-културни специфики. Ваквата диференцијација, во содејство со античките пишани извори, овозможува определување на етничките носители на овие групи и границите на нивното проститање. Долновардарската група се простирала по долината на Вардар, јужно од Демир Капија. Доживеала интензивни влијанија од егејските култури, што ќе доведе до рано напуштање на нејзините предисториски традиции. За носители на оваа култура се сметаат Пајонците, кои според хомеровите стихови во "Илијада" се сојузници на Тројанците и уште во доцно-бронзовото време живееле околу долното течение на Аксиј (Вардар). Средно - горновардарската и Брегалничката група се две, меѓусебе мошне проткаени целини. Во споредба со претходната, одразуваат повисок степоен на конзервативизам и подоцнежно прифаќање на традициите од југот. Се поврзуваат со северните ограноци на Пајонците, кои во текот на првата половина на првиот милениум пне. се простирале вдолж Повардарието и во Источна Македонија. Нема сигурен одговор на прашањето кои етноси во овој период го населувале Скопско - Кумановскиот базен и североисточна Македонија. Пред се, тука се мисли на древните Дарданци кои се простирале во Скопско и на север во Косово и Јужна Србија, но и на Агријаните, во чиј посед влегувале и територии на североисточна Македонија. Некои истражувачи го истакнуваат и присуството на Пајонците и Трибалите во овие области. Пелагонсиката група се лоцира во истоимената рамница. Исто така се одликува со висок степен на влијанија од југот. Врз основа на пишаните извори, се смета дека ја населувале две етнички групи: северниот дел Пелагонците, а јужниот - Линестите. Анализите укажуваат и на присуството на мали заедници на Бригите. Како и претходната, и Охридската група се одликува со прифаќање обележја на цивилизацијата, особено во последните фази од железното доба. Врз основа на изворите, таа се поврзува со Енхелејците, Дасаретите и веќе наведените Бриги кои го населувале овој регион во разни временски фази. Западниот и Северозападниот дел на Македонија (Полог, Кичевско и Дебарско), поради недоволна истраженост не може да се определи како засебна група. Врз основа на античките известувања, тука се лоцира племето Пенести. Што се однесува на античките Македонци, тие, под ова име, на историската сцена се појавуваат околу 700 - та година пне. кога, доаѓајќи од својата прапостојбина, околу подрачјето на Епир и горното течение на Бистрица, ги потиснуваат и асимилираат Пајонците и други етноси од долното течение на Вардар и Бистрица. Оваа одземена територија, (на север до областите меѓу Демир Капија и денешната македонско - грчка граница) ќе стане јадро на идното кралство на античките Македонци.

Населби. Постарите енеолитски и бронзенодобни укрепени населби лоцирани на доминантни ридови продолжуваат да егсзистираат и во овој период. Дел од нив, во доцните фази на железното доба добиваат нови обѕидја и кули, ѕидани од кршен камен и кал, а некои и бедеми од големи, правилно делкани камени блокови. Скромните ископувања на овие населби од територијата на Р. Македонија откриваат куќи градени според старите традиции, од плитар или ѕидани со кршен камен и кал. Некои обелжја на

Page 9: Chausidis Arheologija Enc. Maced

9

овие населби (дефинирано обѕидје, елементи на внатрешен урбанизам) ни даваат за право да ги наречеме градови и да ги акцентираме како едно од обележјата на цивилизацијата. Во некои случаи, можеме дури да ги идентификуваме и нивните имиња, врз основа на пишаните извори од наредниот - раноантички период (види го делот за населбите од раноантичкиот период).

Керамика. Изгледот на керамиката од овој период е најдобриот индикатор за степенот на цивилизираноста на одреден регион, односно интензитетот на неговите контакти со медитеранските цивилизации. Во раните фази на овој период, во сите подрачја на Р. Македонија, керамиката ги следи бронзенодобните традиции. Се работи со слободна рака, се обликува во веќе познатите форми (најчести се садовите со пар вертикални држалки), а се украсува со геометриски орнаменти, втиснати, врежани или сликани пред печењето на садот. Почнувајќи од 7. век пне. во јужните делови на денешна Р. Македонија (Гевгелиско, Валандовско), а подоцна и во Битолско и Овче Поле, почнува изработката на садови на грнчарско колце, украсени со едноставни хоризонтални линии, сликани со фирнисен лак. Но, во поконзервативните планински подрачја, во текот на целото железно доба продолжува изработката на садови со слободна рака, минуциозно орнаментирани со врежани или сликани геометриски орнамен. На преминот кон архајскиот период т.е. раната антика се појавуваат и луксузни садови увезени од грчките занаетчиски центри. Најголемиот дел на керамичките производи, од овој период потекнуваат од некрополите, што се должи на обичајот, садовите да се приложуваат во гробовите.

Орудија и оружје. Поради недоволната истраженост на населбите, податоците за оваа дејност исто така ги црпиме главно од некрополите, каде во гробот покрај покојникот се често оставани орудија. Најчесто се работи за гробови на мажи со приложено оружје. Наспроти појавата на железото, во овој период орудијата и оружјето и натаму се изработуваат пред се од бронза (мечеви, ножеви, копја, стрели). Поради неразработеноста на занаетот и скапата цена, железото оружје (мечеви и копја) во поголем обем, во Р. Македонија се појавува дури во неговите средни и доцни фази. Оклопната опрема на воините (шлемови, опкови за штитови, штитници за подколениците), во овој и следниот период и натаму се изработуваат од бронза.

Накит. Металниот накит на подрачјето на Р. Македонија за прв пат во поголем обем се појавува дури во овој период. И за него најмногу дознаваме врз основа на обичајот, тој да се приложува во гробовите и тоа почесто во женските. Најчесто се изведувал од бакар и бронза, во техника на леење, а се обликувал во вид на геометриски, животински, растителни и антропоморфни симболи и фигури. Се смета дека овој накит имал неколку паралелни функции: го означувал полот и возраста на носителот и неговата етничка и сталешка припадност. Особено е акцентирана магиско - религиската функција на овој накит, како амулет кој го штити носителот од разни негативни влијанија и го окружува со позитивни сили. Во оваа смисла, во Р. Македонија се издвојува една посебна категорија накит која во науката фигурира под називот "македонски бронзи" во последно време уточнета како "пајонски бронзи". Корекцијата на терминот се должи на фактот што територијата на која се простирал, се поклопува со простирањето на Пајонските племиња. Во оваа група се издвојуваат разновидни приврзоци, особено оние обликувани во форма на чашки, со додатоци во вид на животински глави. Некои истражувачи ги толкуваат како афионови чашки, а други како стилизирани претстави на некоја божица, чија утроба била изедначена со садот. Има и приврзоци оформени во вид на животни (птица, коњ), круг, тркало (симболи на сонцето и соларниот циклус), или претсатави на бог кој седи на врвот од светскот дрво. Освен приврзоците, сред нашиот накиот од овој период се застапени и разни видови фибули (украсни игли за придржување на облеката) со лачна или двојноспирална форма, белегзии, како и разновидни апликации кои биле фиксирани за појасот и облеката.

Page 10: Chausidis Arheologija Enc. Maced

10

Религија. Во железното доба, во Р. Македонија се напуштаат погребните обичаи од претходните периоди - инхумирањето во згрчена поза и урните со пепелта на кремирани покојници. Наместо тоа се сталожува единствен обичај на инхумирање, при кој покојникот е легнат на грб и тоа во обична јама, гроб циста а поретко и во огромен сад - питос. Гробовите се организираат во два основни типа некрополи. Од една страна тоа се тнр. рамни некрополи со гробови групирани еден до друг со различна ориентација (примери: Марвинци и Дедели, Валандово, "Сува Река" и "Милци" во Гевгелија, Брод, Битола, Волково и Орешани, Скопје, Требеништа, Охрид). Од друга страна, тоа се некрополи под тумули, организирани во кружни формации, покриени со заедничка могила, насипана со земја и оградена со кружен каменен венец. Постарите такви тумули ја одразуваат патријархалната организација на родот (богат централен гроб - очевидно на владетелот, а околу него во концентрични кругови - неговите поданици, најпрво мажите а зад нив жените и децата (Беранци, Битола, Караорман, Штип, Рапеш, Битола). Помладите тумули се помали и очевоино носат семеен карактер. Составени се од пет - шест гробови, без наведената хиерархија (Сопот, Велес, Радање, Штип). Погоре прикажаниот накит дава одредени сознанија за почитувањето на сонцето и неговите циклуси, на барските птици (лебеди, патки) коњот и еленот како култни симболи и култни животни. Во овој период сеуште недостасуваат наоди на култни објекти (светилишта и храмови), но за нив посредно се дознава од историските извори и археолошките остатоци кои се однесуваат на наредниот период.

АНТИЧКА ЕПОХА РАНА АНТИКА (600 / 500 - 168 г. пне.) Раната антика се дели на три етапи: Архајски период (6 - 5 век пне.), кој разни

истражувачи го ставаат во овој или во претходниот период. Класичен период ( 5 - 4 век пне.) и Хеленостижки период (крај на 4. - 2. век пне.). Преминот на железното време во рана антика не може стриктно да се определи. Тој се поклопува со процесот на цивилизирање на железнодобните популации кој траел постепено и со различна динамика во разни делови на Македонија. Всушност се работи за процес на напуштање на племенско - родовските традиции на горе наведените железнодобни култури и нивно приближување до обележјата на цивилизациите кои во ова време егзистирале на Медитеранот. Овие промени се предизвикани од длабоките социјални трансформации т.е. издвојувањето на владетелската аристократија од обичниот народ. Класното раслојување на предисториските заедници се манифестира со висок степен на богатење на владетелскиот слој, овозможено со отворањето рудници, металургиски работилници и со заживувањето на трговските и воените активности, како и експлоатацијата на потчинетиот народ. Овие промени се проследени со се почести информации запишани кај античките писатели, кои се однесуваат на подрачјето на Р. Македонија. На ниво на археологијата, процесите на цивилизирање се манифестираат во неколку сфери: - појава на извонредно богатите "кнежевски гробови"; - први монети на кои е испишано името на локалните владетели и градските центри во кои се тие ковани; - подем на градските населби, лоцирани на претдходно наведените железнодобни "градишта". Освен домашните прозводи, на нашите наоѓалишта во ова време е се поголемо присуството на скапа стока (керамика, накит, оружје), купена од медитеранските проиизводни центри. Таа веќе не носи локални етнички обележја, туку е во согласност со врвните технолошки дострели на занаетчиството и на универзалните медитерански стилови и мода.

Врз основа на античките пишани извори може да се заклучи дека етничката слика на Македонија и во овој период се менува. Во северните и западните подрачја се

Page 11: Chausidis Arheologija Enc. Maced

11

чувствува силна воена и демографска експанзија на народите од западната половина на Балканскиот полуостров (во науката наречени Илирски етно - културен комплекс). Се смета дека тоа доведува до одреден степен на асимилација на некои местни етноси (Дарданци, Пенести, можеби и Дасарети). Оваа експанзија веројатно е главна причина за исчезнувањето на Бригите од овој дел на полуостровот. Во Скопско - Кумановскиот базен се чувствува експанзија на Дарданците, а во јужните делови на Р. Македонија - на античките Македонци.

Средината на првиот милениум е време на подемот на двете антички држави од овој дел на Балканот - Македонија и Пајонија. Во обете ќе владеат засебни династии на кралеви, за чии имиња дознаваме од историските извори, натписите и од монетите што ги ковале. Како што е познато, експанзијата на Македонското кралство низ Балканот ќе земе замав во 4. век. п.н.е. со Филип II, за потоа, под водство на Александар III - Македонски да опфати голем дел од Медитеранот и Азија. Во сенката на помоќниот сосед, Пајонија ќе опстојува се до крајот на 3. век, кога ќе биде припоена кон него. Врз основа на монетите и пишаните документи се знае за имињата на неколку пајонски кралеви (Патрај, Аудолеон, Дропион ...). По смртта на Александар и разбивањето на големата македонска империја, нејзините територии се редуцираат во делови од Балканот. Продолжува веќе започнатиот процес на интеграција на популациите и традициите опфатени во оваа држава и формирањето на античко - македонската култура и етнос. Во овој процес најсилно ќе бидат вклучени јужните делови на денешна Р. Македонија (Гевгелиско - Валандовскиот, Струмичкиот, Пелагонискиот и Охридскиот регион). Кон средината на II век пне., овој процес ќе биде забавен, поради поразот на Македонците во војната со Рим, со што нивната држава ќе ја загуби својата независност, а подоцна ќе влезе во границите на Римската империја.

Постојат јасни докази дека наведените популации од подрачјето на Македонија говореле на свои јазици, макар што почнувајќи од овој период постепено ке започнат се повеќе, во јавните комуникации да го прифаќаат грчкиот јазик и писмо. Најмногу податоци во оваа смисла имаме за јазикот на античките Македонци и на Бригите. Од јазикот на Македонците (кој инаку бил неразбирлив за Грците) се зачувани неколку десетини зборови. За јазикот на Бригите дознаваме врз база на Фригијскиот јазик, кој во Мала азија се фиксирал во писмена форма. Најновите истражувања укажуваат на зачуваноста на деривати на бригискиот т.е. фригискиот до денешно време, во современиот бурушаски јазик. На него говори истоимениот народ од подрачјето на Пакистан, за кој се претпоставаува дека се иселил од Балканот во вториот милениум пне.

Населби и живеалишта. Ова е период на подем на раноантичките градски населби, кои сега носат карактер на еден вид укрепени дворци на локалните владетели и стационари на нивната војска. Некои од нив се формираат како продолжение на претходните металодобни традиции, но поголмиот дел се градат на други локации - пониски ридови покрај рамниците и речните долини, покрај главните комуникации по кои се одвивале трговските, стопанските и културните процеси. На тлото на Р. Македонија се откриени неколку десетини раноантички градови, евидентирани главно според површинските остатоци. Врз основа на овие прелиминарни истражувања се знае дека тие опфаќале обем до 10 хектари, биле обградени со силни бедеми (тнр. "киклопски ѕидови"), дополнети со кули и порти. Бедемите се градени од големи камења, некаде грижливо делкани во вид на четвртести блокови ("Св. Размо - Кулишта", Охрид, "Маркова Кула" Демир Капија, Бразда и "Кале", Скопје). Само на некои вакви наоѓалишта се вршени пообемни ископувања на внатрешните објекти во градот. Врз основа на овие истражувања (главно на "Вардарски Рид", Гевгелија и Дебреште, Прилеп) се дознава дека овие градови имале неправилна урбана схема, со преплет од коси улички, поплочени со камен. Живеалиштата, во темелната и нижната зона биле ѕидани од кршен камен, врзан со кал, додека во горната - од непечена тула. На некои куќи се забележуваат полуксузни решенија (внатрешен двор со чешма, керамичка када,

Page 12: Chausidis Arheologija Enc. Maced

12

кров од керамиди, подови од варов малтер ...). Примерот на "Варадски Рид" упатува на постоењето монументални општествени градби, ѕидани од правилни камени блокови, со тремови на столбови и со простории украсени со боена ѕидна декорација. Поврзувањето на резултатите од теренските истражувања, со имињата на неколку градови, наведени во историските извори овозможи точно или хипотетично идентификување на неколку од нив: Билазора - кај Кнежје, Свети Николе; Лихнид - "Горни Сарај", Охрид; Идомене (?) - "Исар-Кула", Валандово; Гординија (?) - Марвинци, Валандово; Антигонеја - "Градиште", Неготино; Аталанта (?) - "Вардарски рид", Гевгелија; Аударист - Дреново, Кавадарци; Бријанион - Граиште, Демир Хисар; Алкомена - Бучин, Крушево; Стибера - Чепигово, Прилеп; Астрајон (?) - Шопур, Радовиш; Добер (?) - "Цареви Кули", Струмица. Повеќето од овие градови (под исто или друго име) ќе продолжат да егзистираат и во римскиот период, па и во средниот век Во хеленистичкиот период се јавуваат и моќни тврдини, градени во еден замав, според однапред утврдени војно - стратешки концепти. Ѕидани се со камен и варов малтер, а дополнети со бројни одбрамбени кули (Стариград, Велес, Мијокази, Кичево).

Керамика. Во класичниот период се интензивираат културните влијанија од југот, при што во нашите населби и некрополи масовно се појавува грчката луксузна керамика. Во Повардарието, Битолско, Охридско и Скопско се појавуваат такви садови, украсени со сцени од грчката митологија, сликани со тнр. фирнисен лак. Набргу, некои локални работилници ќе се обидат да ги имитираат овие производи. Под влијание на јужните области на Балканот, во населбите масовно се појавува тнр. сиво печена керамика, работена во месните работилници, а наменета за секојденвна употреба. Се зацврстуваат и основните форми на садови, типични за античата култура: - амфора и хидрија наменети за течности (вино, вода ...); - кратер, ѕвоновиден сад за мешање на вино и вода; - ојнохоа бокал за налевање вино; - чаши за пиење (скифос, кантарос); - мали гробни вази за приложување скапоцени мирисливи масла во чест на покојникот (лекит, арибал, унгвентариј); - лихнос, светилка од керамика во вид на кандилце. Во хеленистичкиот период е во мода керамиката со калапени украси (мегарси чаши, пергамска керамика). Чести се и теракотите - фигурини на божества и митски ликови, изработени од печена глина, исто така во техника на калапење.

Стакло. Производите од стакло, увезени од Блискиот Исток, за прв пат во Македонија се појавуваат во богатите гробови од архајскиот период. Се работи за мали садчиња од разнобојно стакло, наменети за чување скапоцени миризливи масла. Од истиот регион се увезуваат и стаклени монистра за гердани, орнаментирани во вид на очни зеници.

Бронзени садови. Во "кнежевските гробови", и воопшто во побогатите погребувања од овој период се појавуваат луксуизни бронзени садови, украсени со фигурини и релефи со митолошки карактер: - божица со змијски нозе; колона од коњаници (кратер од Требеништа, Охрид); - менада во танц (елемент од загубен сад од Тетово). Дел од овие садови претставуваат врвни производи на уметноста и занаетчиството, изработени во најпознатите тогашни медитерански работилници.

Оружје. Во овој период доживува подем оружјето, за кое дознаваме главно од некрополите, благодарејќи на обичајот тоа да се приложува во машките гробови. Нападното оружје се изработувало од железо, при што се користеле и техники на негово челичење. Најчесто се среќава копјето, носено во пар, при што едното се користело за фрлање а другото за непосредна борба. Кај античките Македонци се равива формата сариса - копје насадено на долга дршка. Од стрелите, земаат голем замав тнр. троребрести скитски типови. Значително се поретки наодите на мечеви. Во раните фази на периодот, доминираат тешките мечеви со крстовидна дршка и двострано сечило (Требеништа, Охрид, "Зелениште", Валандово). Подоцна се јавува и махајра - краток меч со еднострано, лачно свиено сечило (Жданец, Скопје, Букри, Битола, Охридски регион). Заштитната војничка опрема (шлем, штит, штитници за подколеници) и натаму

Page 13: Chausidis Arheologija Enc. Maced

13

се изработуваат од бронза. Од шлемовите се јавуваат два типа. Едниот тип, во науката го носи називот "грчко илирски", но во контекст на неговата распространетост повеќе би му соответствувал називот "македонско - пајонски". Имал две ребра за перјаници и аглести штитници за ушите (примери: Требеништа, Охрид, Делогожда Струга, Букри, Битола). Во Марвинци кај Валандово и на непознато наоѓалиште од Охридскиот регион, се откриени шлемови од македонски тип, со врв повиен кон напред. Фрагменти од штитници за подколеници се констатирани во ограбената гробница во Тетово.

Накит. Кај нас, за прв пат во архајскиот период се појавува накит од сребро и злато, што е новост во однос на традиционалниот бронзен накит од железното доба. И за него главно дознаваме од ископувањето на некрополите Се работи за помали форми (обетки, гривни, украсни игли, фибули, висулци), изведени во неколку златарски техники: - калапење метални листови; - филигран (дополнување со преплет од тенки жички); - гранулација (орнаментирање со бројни ситни топчиња од злато или сребро); - инкрустација (вметнување стакло или полудрагоцени камења). Во класичниот период доминираат златните обетки со бубрежеста форма, сребрените гривни со завршетоци во вид на змијски глави и иглите за коса, во вид на буквата омега. Во хеленистичкиот период пак, се појавуваат обетки во вид на гулабици или алки дополнети со глава на црнец, лав или куче, потоа гердани во вид на ланчиња, составени од златни и стаклени алки, разни видови прстени итн. Во просечните гробови и натаму се јавува поскромен накит од бронза, произведен во локалните работилници.

Религија. Цивилизирањето иницира промени и во духовната култура. Како плод на непосредните комуникации, во Македонија доспеваат новите духовни движења од Медитеранот и Блискиот Исток. Се прифаќаат религиските движења и култови на божества од атичка Грција, но и од Блискиот Исток. Всушност се работи за синкретизам - приближување и изедначување на овие странски традиции со местните култови, при што обично името на новоприфатеното божество го истиснува името на месното. Наспроти ова, благодарејќи на наводите на античките писатели, а подоцна и на натписите, дознаваме за некои автохтони култови на подрачјето на Македонија. Кај Пајонците е евидентиран култ на сонцето, кое било прикажувано во вид на мал круг поставен на долга држалка. Познати се имињата на следните божества: Пеан - бог лекар, Кандалос - покровител на војувањето, Дијалос (пајонскиот Дионис) и некоја божица со непознато име, изедначена со грчката Артемида, на која и се принесувале жртви завиткани во слама. Уште Хомер, во "Илијада" упатува на важноста на речните богови или демони во генеологијата на Пајонците. Нивниот водач Пелагон е претставен како син на Аксиј (Вардар). За одржувањето на овие традиции се до 3. век пне. упатува обредот на крунисување на пајонскиот крал Аристон, изведувано на устието на р. Астибо (Брегалница) во Аксиј. Нешто повеќе дознаваме и за боговите на античките Македонци: Дион бил македонскиот Зевс; Атхија - еквивалент на Атена; Беди - покровител на воздухот и водата; Ксандос - на војувањето; Дарон - на сонцето и лекувањето; Ма - божица со соларни и воени овбележја.

Археолошките истражувања во Р. Македонија открија и неколку светилишта. Во пештерата "Змеовица" кај Демир Капија егзистирало светилиште на женските божества (локални божици изедначени со грчките Афродита, Атена, Артемида). Во пештерата им биле принесувани животински жртви, монети и теракотни култни фигурини. На врвовите Трескавец близу Прилеп и Клепа, кај с. Двориште, Велес, во римскиот, а веројатно и во раноантичкиот период егзистирале светилишта на некој местен бог, сличен на Аполон, поврзуван со громот и молњата, придружен со неговата сестра, изедначена со Артемида. Монетите откриени во термалните извори на бањата Банско кај Струмица исто така упатуваат на култ на некое од местните хтонски божества.

Погребување. Во овој период, како последица на наведените процеси на цивилизирање и влијанијата од Медитеранот и Блискиот исток, кај владетелскиот сталеж се менува погребниот ритуал. Наместо дотогашното инхумирање на покојниците се

Page 14: Chausidis Arheologija Enc. Maced

14

јавува обичај на нивна кремација. По поставувањето на покојникот на клада и неговото спалување, остатоците се собирале и се положувале, директно во гробот или пак, во некој сад со функција на урна. Покрај овие остатоци се приложувале гробните прилози: оружје, накит и садови (со вода, вино, храна, миризливи масла). Во некои случаи над гробот се поставувале камени надгробни споменици (примери: Црнобуки, Битола, "Кале", Скопје, Марвинци, Валандово). Во неколку богати некрополи (Требеништа и "Горни Сарај", Охрид, Беранци, Битола) се јавуваат и златни облоги на телото на покојникот (маска за лицето, облоги за дланките, градите и стопалата). Тие можат да се поврзат со верувањето во задгробната судбина на покојникот, можеби негово изедначување со сонцето кое постојано се реинкарнира. Во Жданец, Скопје е констатирано погребување на четири воини, придружени со пар коњи, впрегнати во кочија. Постојат хипотези дека се работи за жртвување на гарда пред влезот во гробницата на некој локален владетел, која сеуште не е откриена. Во Тетово, Охрид и Бонче кај Прилеп се констатирани владетелски гробници, кои за жал уште во минатото биле ограбени. Тоа се монументални градби, ѕидани од камени блокови, составени од пристапен ходник, преткомора и комора за покојникот. Некои од нив укажуваат на релации со познатите македонски владетелски гробници од Вергина.

РИМСКИ ПЕРИОД (средина на 2. век п.н.е. - 6. век н.е.) По поразот на античката Македонска држава, Римјаните ќе го поделат нејзиното

јадро на четири административни области - мериди, на кои ќе им доделат извесна автономија во однос на империјата. Секоја област ке добие своја престолнина. Најголем дел од денешна Р. Македонија ќе се најде во четвртата мерида. Градот Пелагонија (веројатно лоциран кај село Прилепец, Прилеп или Мојно, Битола) ќе стане нејзин центар, каде ке се коваат и монети со натпис (Четврта Македонија). Но наскоро, по едно неуспешно македонско востание, овие автономии ќе се укинат и територијата на некогашното Македонско кралство ќе биде вклучена во административниот систем на Римската империја. Така ќе се формира римската провинција Македонија, во која влегува и подрачјето на денешна Р. Македонија. Во наредните векови таа во повеќе наврати ќе се дели на помали провинции, така што нашите области ќе се најдат во неколку од нив (најголемиот дел во Втора Македонија, потоа Прва Македонија, Мезија, Дарданија, Нов Епир, Превалитана, Средоземна Дакија). Последниот век од старата ера, Македонија ќе го проживува тешко, поради граѓанските војни во Рим, продорите на сеуште непокорените севернобалкански народи и задушувањето на уште едно македонско востание. Влијанието на Рим, во Македонија ќе започне да се остваруваа во поголем степен, дури на преминот од старата во новата ера - во време на Октавијан Август. Ќе се манифестира на општествено - политички, воен и стопански план. Од особена важност ќе биде обновата на богатите македонски рудници и повторното заживување на металургијата и другите гранки на занаетчиството. За остварување на овие активности и воопшто имплементирањето на римската политика и администрација, ќе се пробијат или реконструираат патиштата: Егнатискиот пат (од Јонско и Јадранско Море, преку Охрид, Пелагонија и Солун до Босфор); Вардарскиот пат (од Солун до Скопје а подоцна на север по Морава се до Дунав); Дијагоналниот пат (од Охрид преку Пелагонија до Градско и по Брегалница кон Софија). Тоа ќе биде изведено според сите римски стандарди - со патокази, попатни станици, контролни и царински пунктови, обезбедување на премините и границите меѓу провинциите. Ќе се воведе и систем од општествени норми, кој ќе резултира со изградба на комунални, цивилни и војно - стратешки објекти. Ова, во голема мера ќе го подигне урбаното ниво на постојните градови. Ќе започне и процес на постепено колонизирање на Македонија, најпрво со Италијци, а подоцна и со население од разни делови на империјата. Голем дел од

Page 15: Chausidis Arheologija Enc. Maced

15

најплодните полиња, лоцирани блиску до комуникациите ќе им се доделуваат на римските администратори и воени ветерани. Археолошките ископувања на македонските градови, покрај автохтоното население укажуваат на се поголемо присуство на доселеници од сето царство. Донекаде дистанцирана од римското влијание, ќе остане сферата на духовната култура, која ќе ги задржи космополитските обележја на некогашната Македонска империја, проткаени со автохтони елементи. Наспроти римското присуство, религијата, архитектурата и ликовната уметност ќе задржат голем дел од старите хеленистички, но и ориенталните обележја. На подрачјето на провинциите Прва и Втора Македонија и натаму, како официјални ќе бидат во употреба грчкиот јазик и писмо, за што говорат бројни натписи на камени споменици и монети. Во северните региони (Скопско - Кумановското подрачје), како официјални ќе се одомаќат латинскиот јазик и писмо. Ова не треба да значи дека во овој период ќе престанат да се говорат местните среднобалкански јазици. По освојувањето на Македонија, Рим ќе продолжи со воени дејствија за окупирање на северните Балкански подрачја (денешно Косово и Србија). За таа цел - како воен пункт за овие операции и седиште на римските легии, кон крајот на старата ера, во Скопската котлина, близу Качаничкиот премин ќе се изгради големиот воен логор Скупи (Злокуќани, Скопје). По остварувањето на воените цели, во него ќе се иаселат цивили, со што логорот ќе прерасне во значајна градска населба.

Почнувајќи од 3. век, опаѓа благосостојбата во римските провинции на Балканот. Причина за тоа е глобалната општествено - економска криза во Римското царство. Милитаризацијата на државата ќе предизвика често узурпирање на власта, слабеење на економијата и на одбрамбената моќ. Тоа ќе доведе до пробиви на варварските народи од Дунавската граница кон Балканските провинции. Оваа криза, за извесно време ќе биде запрена по реформите на императорот Диоклецијан кои вклучуваат формирање засебни воено одбрамбени системи во секоја провинција (самофинансирање, воени единици, тврдини, стражи).

Овие процеси го означуваат крајот на тнр. раноцарски период од римското доба и почетокот на доцноримскиот или доцноантичкиот период. Четвртиот век во Македонија ќе помине во релативен мир, стабилност и благосостојба, но веќе во наредниот, Балканот повторно ќе го заплиснат чести наезди на варварите од север (Источни Готи, Хуни). Тие ќе поминат и низа Македонија, при што ќе бидат нападнати повеќе градови, меѓу кои и Стоби, Хераклеја и Лихнид. Овие напади се археолошки потврдени, како слој на драматично рушење на градбите, а потоа и обнова на дел од градските зони. По овие настани се јавува нов - дефанзивен принцип на лоцирање и организирање на населбите, овој пат како дисперзирање на некогашните големи градови на неколку помали, добро укрепени градчиња и тврдини, поставени на потешко достапни ридови. Во Р. Македонија до сега се лоцирани и делумно истражени над 300 такви објекти.

Во 4. век во Римската империја ќе биде прифатено христијанството, кое ке изврши силно влијание, на општественото уредување на империјата, но и на концептот на живење и изгледот на градовите. Империјата ќе се подели на два дела - Источно и Западно Римско Царство. Иако Источното денес во науката се нарекува Византија (според Визант - старото име на неговата престолнина Константинопол), неговите граѓани ќе се нарекуваа Ромеи (= Римјани). Владеењето на Јустинијан I (6. век) е последниот период кој зрачи со сето богатство и сјај на Римската цивилизација. Роден во овие области (најверојатно во подрачјето на Скопската котлина), овој император, во близината на своето родно место, ќе изгради велелепен град (архиепископско седиште за поголемиот дел од Балканот) и ќе го нарече Јустинијана Прима. Денес сеуште не е утврдена и докажана неговата локација. Во 6. и почетокот на 7. век следат последните неколку бранови на варварски инвазии од север, во кои ќе учествуваат пред се Словени, Анти, Авари, Кутригури и Бугари. При овие напади ќе згасне животот на речиси сите

Page 16: Chausidis Arheologija Enc. Maced

16

градови и градчиња во Р. Македонија, кои успеале да ги преживеаат претходните наезди. Населението од нив ќе емигрира во големите и добро заштитени метрополи, лоцирани на Балканското крајбрежје (Салона кај Сплит, Драч, Солун, Цариград). Траги на скромно живеење, во овој период се констатирани само на десетина градски локации во Р. Македонаија. Од византиските извори јасно се дознава дека кон крајот на 6. и во 7. век, Словените ја држат цела Хелада, Пелопонез, Тесалија и Македонија.

Населби и тврдини. По римската окупација, продолжува во континуитет егзистенцијата на поголемиот дел од раноантичките градови во Македонија. И во овој период тие ги задржуваат своите стари имиња и локации. Досега се констатирани и подетално истражувани десетина поголеми и повеќе помали такви градови и градчиња: Стоби - Градско, Велес; Гординија (?) - Марвинци, Валандово; Аударист - Дреново, Кавадарци; Стибера - Чепигово, Прилеп; Хераклеја Линкестис - Битола; Лихнид - Охрид; Скупи - Злокуќани, Скопје; Баргала - Горни Козјак, Штип и други. Археолошките ископувања вршени на дел од нив покажуваат дека во овој период градовите доживуваат висок подем, се зголемува нивната територија, се зајакнуваат одбрамбените ѕидови и се градат солидни комуналани објекти (поплочени улици, плоштади, водоводна и канализациона мрежа). Новите квартови добиваат тнр. квадратна урбана схема - систем од однапред испланирани улици. Тие се сечат под прави агли и формираат четириаголни парцели, на кои се градат јавните и приватните згради. Кај подетално истражените градови се откриени повеќе јавни и станбени градби. Од јавните, се истакнуваат неколку. Театрите се монументални објекти со сцена и гледалиште кое собирало до десетина илјади посетители. Биле наменети за јавни собири, театарски и циркуски претстави и гладиаторски борби. Откриени се во Стоби, Хераклеја, Лихнид и најголемиот во Скупи. Форумите претставувале плоштади окружени со покриени тремови, со јавни згради и трговско - занаетчиски објекти (делумно се откриени во Хераклеја и Скупи). Терми се јавни купатила, наменети за оджрување хигиена, одмор и рекреација. Содржеле простории со ладна, млака и топла вода, како и сауни (примери во Стоби, Хераклеја, Скупи, Баргала). Општинските згради со функција на градски собранија и судови имале триумфален влез, украсен со столбови, статуи и голема сала за јавни собири (делумно откриени во Хераклеја и Скупи). Храмови - раскошни градби наменети за култот на боговите, со монументален челен дел, со трем на столбови и главна просторија со статуа на божеството (во Гортинија, и Стибера). Гимназиони се воспитно - образовни објекти, меѓу другото и вежбалишта, украсени со бројни статуи (Стибера).

Во римскиот период ќе се издиференцираат неколку типа станбени објекти. Градските куќи се палати на богати граѓани, лоцирани во самиот град, т.е. во зоната окружена со бедеми. Најчесто имаат четвртеста основа, со внатрешен двор дополнет со скулптури и фонтана, околен трем со столбови околу кој се нанижани просториите (голема сала за приеми, одаи за домашните и послугата, одделен дел за жените, кујна, купатило, стопански дел ...). Украсени се со раскошно изрезбарени камени елементи, подни мозаици, а на ѕидовите фрески (орнаменти и композиции сликани на малтер) и штукатура (релјефни орнаменти од глина и гипс). Приградските куќи се нешто поскромни од претходните, а од нив се разликуваат по тоа што се лоцирани надвор од градските бедеми. Селските куќи припаѓале на стопанствениците и биле изградени надвор од градот и предградието, на самиот имот каде се остварувала нивната дејност (земјоделие, сточарство). Ги носат сите обележја на претходните куќи, често со помал степен на луксуз и поголема застапеност на стопанскитете простории и објекти (племни, амбари, складишта, работилници). Во сиве овие објекти, при ископувањето се откриваат значајни траги на материјалната култура (керамички садови, стакло, орудија и друга покуќнината, оружје, накит, но и разни уметнички и култни предмети).

Во доцноримскиот период, по прифаќањето на христијанството и нападите на варварите, градовите, во одредена смисла ќе се променат. Поради ослабената економска

Page 17: Chausidis Arheologija Enc. Maced

17

моќ и тежнеењето за посигурна заштита, нивната површина ќе се намали, при што ќе се зголеми густината на станбените објекти. Голем дел од скапите јавни градби (форуми, општински згради, терми, луксузни палати) ќе се напуштат или пренаменат за нови потреби. Поради новите христијански етички норми, се напуштаат театрите, и паганските храмови, а нивниот градежен материјал се користи за изградба на нови јавни објекти - поцврсти бедеми и кули и нови храмови во вид на монументални ранохристијански градски цркви. Како резултат на наведените реформи, на клучните стратешки пунктови во Македонија ќе се изградат бројни тврдини. Особено е значајна кампањата во врме на Јустинијан I, кога ќе се проектира и специјален градежно - стратешки концепт на аглесто организирани тврдини, дополнети со вовлечени порти и тријаголни и петоаголни кули ("Маркови Кули", Зелениково, Љубанци, Скопје). Како што рековме, во овој период, населението од големите градови се повеќе се преселува во скромни, но подобро заштитени населби по ридовите, укрепени со силни бедеми и кули. Голем дел од нив, иако проектирани како воени тврдини, ќе прераснат во вистински градови со развиена урбана структура и неколку илјадно население. Врз основа на пишани документи, со различен степен на сигурност може да се определи името на некои од овие населби. Позначајни се следните: Чучер, Скопје (Неутина?); Коњух, Кратово (Транупара ?); "Градиште - Кале", Виница, (Келенидин?); Доленци, Битола (Никеја ?), "Марков Град" кај Демир Капија (Стенае). Шопур, Радовиш (Астраеум ?).

Материјална култура. Во првите векови од римското владеење, Македонија ги задржува основните обележја на тнр. хеленистичка материјална култура, а во тие рамки и некои свои локални етно-културни компоненти. Но, во првите векови од новата ера, на Балканот ќе се диференцира некаква универзална хеленистичко - римска материјална култура во која се потешко се идентификуваат некогашните локални обележја на старобалканските етноси. Римското царство, или во најмала рака неговите балкански провинции, функционираат како едиствен стопанско - трговски и културен комплекс, во кој циркулираат исти производи, занаетчиски технологии, уметнички стилови, религии па оттука и иста мода и вкус.

Керамика. Ова особено се однесува на керамиката, која добива воедначен квалитет, стандардни форми на садови, строго приспособени на нивните функции. Од транспортните и складишните садови најзастапени се: големите питоси за чување жито и други намирници во куќите и складиштата, како и амфори за складирање и транспорт на течности. Од кујнските садови тоа се рани лонци и тепсии, а од трпезните - стандардизиранитре форми во вид на паници, чинии, помали амфори, бокали и чаши. Специфични во оваа смисла се само најлуксизните керамички садови кои се изработуваат на неколку места во царството, во определени работилници, означени со жиг на секој производ. Таква е тера сигилата - керамика, украсена со калапени релјефни украси, совршено печена и обоена со црвено - портокалов лак од живин оксид (цинабарит). Насекаде низ Римското царство, па и кај нас се среќаваат и нејзини ефтини имитации. На неколку десетини наоѓалишта во Р. Македонаија се откриени печки за печенње керамика и тоа градежна (тули, керамиди) или за садови со секаква намена.

Метални садови. Врвните садови во овој период се изработуваат и од поскапи материјали - бронза, сребро и стакло. По правило, таквите примероци кај нас доспевале од увоз. Сега, за прв пат во историјата, стаклото е вообичаен дел од покуќнината на секоја просечна куќа. Но, ова се однесува само на обичните стаклени садови, а не и на луксузните. Таков пример се чашите од типот дијатрета, изработувани во техника на брусење, од кои примерок (еден од неколкуте десетини во светот) е откриен во Селокуќи, Дебар. Во истиот гроб се пронајдени и сребрени садови.

Орудија и оружје. Висок степен на стандардизација добиваат и орудијата и оружјето. Ова е првиот период во кој железните орудија наоѓаат широка примена во секојдневието. Орудијата го достигнуваат оптималниот степен на функционалност, со што речиси сосем запира менувањето на нивната форма. Ова, од своја страна прави

Page 18: Chausidis Arheologija Enc. Maced

18

проблеми околу определувањето на староста и потеклото на овие предмети. Во повеќе делови на Македонија е докажано постоење на металургиски работилници во овој период. Во таа смисла, досега се издвојува градот Стоби. Продолжува обработката и на обоените метали - пред се бакарот и бронзата, најчесто за призводство на садови и ситни леани бронзени предмети (украси, додатоци за садовите, елементи на покуќнина, накит, претстави на божества и други култни предмети).

Римската империја полагала големо внимание на квалитетот на оружјето, што допринело за негово постојано усовршување, специјализирање и стандардизирање во рамките на одреден воен род (пешак, коњаник, стрелец ...). Освен личното оружје (разни видови копја, стрели, мечеви) се развивава и заштитната опрема (штитови, шлемови, оклопи). Се усовршуваат и разни видови сложени машини, наменети за опседнување и одбрана на укрепените градови и тврдините (катапулти, овни, подвижни кули). Одредени иновации доаѓаат и со нападите на варварите. Таков е на пример, таканареченит хунски рефлексен лак кој, зајакнат на двата краја со делови од коњски ребра, во комбинација со специјални троребрести стрели, обезбедувал огромна ударна моќ.

Накит. Одредени етнички или културни специфики преживуваат во сферата на накитот. И во римскиот период тој донекаде го задржува карактерот на знак за етно - културна идентификација на носителот, а секако и како индикатор на неговата полова, возрасна и сталешка припадност. За разлика од раноантичкиот, накитот во ова време е со помали димензии, но мошне прецизно и минуциозно изработен. Се констатира најмногу како прилог на покојниците. Во просечните гробови е изработен од бронза, додека во богатите - од сребро и злато, често дополнет со додатоци од обоено стакло и полудрагоцени камења. Особено се истакнуваат фибулите и прстените, носени од обата пола, а во женските гробови - обетките, гривните и ѓерданите. Во доцната антика, под влијание на варварските народи, за прв пат на Балканот се појавуваат токи за колан кои често упатуваат на носењето панталони - гардероба својствена на номадите - коњаници, дотогаш туѓи на медитеранската култура. Се јавуваат и специфични типови накит, наменети исклучиво за покојниците. Таков е накитот од гагат - црн килибар најчесто комбиниран со злато.

Религија. Благодарејќи на толерантноста на Римјаните во однос на туѓите религии, во Македонија по римската окупација и натаму продолжуват, без особени промени да опстојуваат старите местни култови, изедначени со хеленските или ориенталните божества. На Балканот, па и глобално во Римската империја продираат и култови од Блискиот Исток. Силното мешање во сферите на религијата најмногу се остварува поради интензивните процеси на колонизација и мешање на населението во империјата. Од светилиштата, храмновите, камените скулптури, жртвениците и натписите, откриени во бројни македонски наоѓалишта, дознаваме за почитувањето на неколку десетини божества. Во поголемите градови се откриени по неколку дестини нивни статуи. Најзастапени се Атена, Афродита, Артемида, Тихе, Зевс, Аполон, Асклепиј, Херакле и Дионис. Се јавуваат и коњаничките божества: Диоскури и тнр. Тракиски коњаник. Од малоазиските богови тоа е Кибела и Атис, а од египетските - Изида и Серапис. Претстави на божества се пронаоѓаат и во "дивата природа" (свети извори, карпи, пештери). Посредно - преку натписи или конкретно - преку ископувања, се констатирани неколку градски храмови. Врз основа на претстава на монетите на Стоби се знае дека главниот, сеуште неоткриен храм, во градот му бил посветен на Асклепиј. Во градовите со силно римско влијание често фигурираат римските државни култови. Таков е случајот со античкиот град кај Марвинци (веројатно Гординија), каде е откриен храм на римскиот император Комод, изедначен со Херакле. Над неговиот влез стоел натпис во кој се спомнува висок функционер на "македонското собрание". На врвовиѕте Трескавец кај Прилеп и Клепа кај Двориште, Велес, во римско време се обновени старите светилишта на Аполон и Артемида. Во доцната антика, низ целото

Page 19: Chausidis Arheologija Enc. Maced

19

царство ќе се прошири култот на иранскиот Митра - бог на сонцето и симбол на цикличната обнова на светот. Во Р. Македонија се откриени неколку релјефи, некогаш сместени во подземни светилишта, типични за култот на овој бог.

Македонија е едната од првите европски земји кои уште во почетните векови на нашата ера ќе бидат заплисната со христијанството. По ширењето низ Римското царство и строгите забрани, во 4. век ова религиско движење ќе биде прифатено, а набргу прогласено за единствена дозволена религија во империјата. Тоа ќе значи забрана и гонење на сите пред тоа присутни култови. Најстарите засега констатирани ранохристијански пунктови во Р. Македонија се: - легендарната пештера кај "Св. Размо", на северниот раб на Охрид и подоцнежен ранохристијански објект (поврзани со престојот на Св. Еразмо во 3. век); - најстарите фази на епископската базилика во Стоби (од 4. век). Во овој период ќе се дефинира и архитектонскиот план на христијанскиот храм. Главниот дел - наос со влезови на западниот и олтар на источниот крај, кај поголемите цркви, со столбови е поделен на три дела наречени кораби., а пак олтарниот дел е одделен од наосот со олтарна преграда. Пред влезовите во наосот се наоѓа предворје - припрата, а некаде и уште една таква просторија или пак затворен двор атриум со чешма т.е. фонтана До црквата е додаден засебен објект - крстилница со украсен базен за крштевање - писцина. Овој тип цркви во науката се нарекува ранохриостијнска базилика. Ентериерот на полуксузните вакви објекти (градски цркви) се украсувал со ликовни претстави со христинска тематика: внатрешен инвентар од резбарен камен (олтарни прегради, проповедници, капители, крстилници), на подовите се поставувале мозаици, а на ѕидовите фрески или полуксузни ѕидни мозаици. Во малите населби се граделе поскромни цркви, најчесто без наведените ликовни дополнувања. Во текот на 5. и 6. век, на територијата на денешна Р. Македонијака ќе се изградат стотици ранохристијански цркви, од кои денес се определени локациите на околу 250. Од нив се детално истражени неколку десетини. Во Охридско - Струшкиот регион, кај Студенчишта, Радолишта, Октиси, "Свети Размо" и во самиот Охрид, три базилики во Хераклеја, седум објекти во Стоби, два во Баргала, десетина објекти во Скупи и во околните тврдини ...). Постепено се појавуваат и храмови со поинаку коципиран план: кружни цркви - ротонди (Коњух, Кратово) и објекти со четирилисна основа ("Плаошник", Охрид). Ранохристијанската религиска уметност во Македонија е претставена со неколку примери од светско значење. Од мозаиците се истакнува претставата на светот од големата базилика во Хераклеја, четирите рајски реки од крстилницата во "Плаошник", а пак од фреските - композициите од епископската базилика во Стоби. По своето значење се истакнува колекција од неколку десетини керамички плочи, пронајдени во околината на Виница (популарно наречени "Винички икони"), на кои се изведени релјефи со христијанска иконографија.

Во Р. Македонија се чини има траги на егзистирањето и на други христијански секти, кои подоцна, во рамките на империјата ќе бидат забранувани и жестоко гонети. Постојат хипотези дека во кавадаречкиот регион егзистирале заедници на манихејци, припадници на манихејството - строга дуалистичка доктрина која материјалниот свет го презира како творба на Кралот на темнината (т.е. Ѓаволот). Според неа, човековото тело е затвор во кој е заробена светлосната душа, дело на Таткото на величието, владетел на светот и на вечната светлина. На десетината надгробни споменици од овој крај (од 3 - 4. век), преку симболични композиции (месечев чун, стрелки, сонце, човежки фигури, арки ...) е претставен патот на спасението на душата на просветлените покојници, од земјата преку месечината и сонцето до рајот, т.е. "царството на вечната светлина". Како последица на ова учење (контактите со Блискиот Исток, а веројатно и зрачењето на локалните јадра), во средниот век, на Балканот и во Македонија ќе се појави богомилството.

Погребување. Во Македонија, во Римско време продолжуваат старите традиции на кремирање на покојниците, зачнати уште во раната антика. Токму преку

Page 20: Chausidis Arheologija Enc. Maced

20

разновидноста на погребните обичаи, констатирани при ископувањето на некрополите, најјасно се следат наведените процеси на колонизација т.е. доселување во овој регион на разни етнички групи од империјата. Во доцната антика, како влијание од Блискиот Исток, паралелно со кремацијата започнува се повеќе да зема замав инхумирањето. Во големите градски некрополи (Скупи, Стоби ...), сред стотиците гробови, се забележуваат, една до друга, разни погребни традиции што секој доселеник ги донел од својата татковина (погребување во урни, оставање на пепелта во ров на сред гробот, инхумирање во оловен сандак, или во каменен саркофаг во вид на куќи, во подземни ѕидани гробници итн). Над гробовите се поставуваат камени споменици - најчесто во форма на исправени плочи (стели), а поретско и како посложени издигнати конструкции или згради (мавзолеи). Со доминацијата на христијанството и забраната на паганските обичаи, оваа шареноликост се намалува, сведувајќи се на единствениот погребен обичај својствен за христијанството. Тоа е инхумирање на покојниците легнати на грб, со главата на запад и тоа во едноставни јами, во сандаци од камен или керамиди, или пак во засведени гробници, ѕидани од камен и тула, лоцирани најчесто покрај ранохристијанските цркви. Во склад со принципите на христијанството, во нив обично отсуствуваат позначајни прилози, што го отежнува определувањето на староста на гробовите и етно - културната припадност на покојниците.

СРЕДНОВЕКОВНА ЕПОХА (5/6/7 век - крај на 14. век) Рано - средновековен период. Во науката има неколку критериуми за

определување на почетокот на средновековната епоха. Според едни, тоа е прифаќањето на христијанството, а според други, падот на Западното Римско Царство. Во нашата наука е прифтено, почетокот на средниот век да се врзува за доселувањето нови народи на Балканот од Централна и Источна Европа. Ова е во склад и со конечното уништување на рановизантиските градови и замирањето на античката култура на Балканското копно. Тоа значи дека овој период кај нас започнува со последниот бран варварски наезди во Византија, во кои пред се ќе бидат вклучени Словени, Анти, Авари, Кутригури и Бугари. Најпрво тие продираат во пљачкашки походи, по што се враќаат во своите матични територии зад Дунав. Но, кон крајот на 6. век, поголеми групации на словенско и антско население започнуваат масовно да се населуваат во централните и јужните подрачја на Балканот. Овие факти, добиени од византиските пишани извори се потврдуваат и на археолошки план. Од една страна, тоа е уривањето и замирањето на животот во доцноантичките населби и тврдини, а од друга, последните остави на антички монети, закопани од сопствениците, пред овие напади. Историските извори не информираат дека голема концентрација на новодоселени словенски етноси ќе се создаде околу балканската метропола Тесалоника (Солун), односно на територијата од денешна Македонија и Грција. Од овие ивори ги дознаваме имињата и местоположбата на неколку словенски племиња: Ринхини, на Халкидик, зад нив Струмјани (околу р. Струма) и Смолјани (по р. Места); на север Драговити (Егејска Македонија), а под нив Сагудати (околу р. Бистрица); Велегизити во Тесалија; Војунити во Епир; Берзити во Југозападна Македонија и западно од неа во Албанија. Овие племиња егзистирале како самостојни општествени формации, а повремено стапувале во меѓусебни сојузи (познат е сојузот на кнез Кацон). Овие формации, од страна на Ромеите наречени "склавинии", егзистирале се до средината на 9. век, кога ќе бидат вклучени во византискиот политичко - административен систем (тнр. теми). Наспроти сојузите и честите опсади, Словените нема да го заземат Солун, но по смирувањето на ситуцијата и отворањето на градот, тие спонтано ќе се инфилтрираст во него. По опоравувањето на Византија ќе настапи процес на чистење на Грција од Словени, спроведувано преку депортации, особено во Мала Азија. Сепак, се до полниот среден век, на Пелопонез и во Хелада ќе има големи

Page 21: Chausidis Arheologija Enc. Maced

21

групации словенско население. На почетокот од 9. век, во источниот дел на Балканот ќе се формира прва поорганизирана држава на Јужните Словени. Станува збор за Бугарската држава, создадена како спој на две етнички компоненти - од една страна словенската, застапена со јазикот и протобугарската (од турската група народи) која ќе го наметне својот етноним. Таа ќе окупира и одреден период ќе држи под своја власт некои од наведените скалвинии од подрачјето на Македонија. Во овој период ќе бидат спроведени и првите покрстувања на словенското население.

Во последно време, во науката повторно се акцентира учеството на иранојазичните народи (Скити Сармати и др.) во етногенезата на Словените. Се смета дека пред доселувањето на Балканот, во пределите на Северното Прицрноморје, Подунавјето и Панонија, Словените живееле во симбиоза со наведените популации, при што го задржале својот јазик, но примиле доста елементи од нивната култура (материјална култура, религија, погребни обичаи, елементи во јазикот). Дури се смета, дека неколку словенски етноними имаат иранојазично потекло (Анти, Руси, Срби, Хрвати).

Раното присуство на Словените во Македонија, од археолошки аспект тешко се следи, веројатно поради фактот што голем дел од нивната материјална култура се состоел од предмети изработени во трошни органски материјали (дрво, кожа текстил). Втора причина е фактот што источната половина на Балканот ја населиле племиња, кои подолго време егзистирале во Северното Прицрноморје и северното крајбрежје на Дунав. Тука тие прифатиле бројни обележја на месната доцноантичка материјална култура, која речиси не се разликува од онаа, присутна во Македонија пред нивното доселување. Некои истражувачи, Словените на централниот и јужниот Балкан ги идентификуваат во наодите од тнр. "Комани" - култура, распространети од Југоисточна Македонија, Албанија., Црна Гора и Далмација (кај нас наоѓалиштата "Св. Еразмо", Охрид, Радолишта, Струга, "Баба" кај Прилеп). Како второ, се побогато жариште со словенски наоди од овој период, кај нас се истакнува Овчеполието (Горни Козјак и Стар Караорман кај Штип) и уште неколку осамени наоѓалишта по текот на Вардар (Злокуќани, Скопје, Виничани, Велес) и во Пелагонија (Прилепец, и други наоѓалишта околу Битола, Дебреште, Прилеп). Наодите на словенските "прстести фибули" ги определуваат трасите на словенските миграции (преку долината на Вардар и Пелагонија до Албанија на запад, а преку Воден до Тесалија и Пелопонез на југ). Некогашното присуство на оваа популација, денес го покажуваат словенските археолошки наоди и словенските топоними, широко распространети во Албанија и на целото грчко копно.

Полн среден век. Оваа фаза од средновековната епоха се поврзува со сталожувањето на словенските и другите новонаселени етноси на Балканот, нивната христијанизација и формирањето на првите феудални држави. Словенските племиња населени во Македонија, за прв пат ќе се сплотат во единствена автохтона општествена формација, во втората половина на 10. век, со основањето на Самоиловата држава. Нејзините почетоци се врзуваат за востанието на Комитопулите (локални византиски намесници на југозападна Македонија) и нивното осамостојување во засебна држава. На нејзино чело ќе стапи Самоил, при што, за своја престолнина го прогласува градот Преспа (на островот Ахил на Мала Преспа, денес во границите на Грција), а подоцна и Охрид. Набргу, со неколку решавачки битки, тој ќе ја прошири својата држава низ поголемиот дел од Балканот и ќе се прогласи за цар. Ќе иницира и основање на патријаршија (подоцна Охридска архиепископија), како правна наследничка на архиепископијата на Јустинијана Прима. Во втората деценија на десеттиот век, експанзијата на Самоиловото царство ќе биде прекината со неговиот трагичен пораз од Византија на планината Беласица. По поразот и смртта на Самоил и краткото владеење на наследниците (Гаврил Радомир и Иван Владислав), неговата држава ќе биде укината, а териториите припоени кон Византија. Но, Македонија ќе задржи извесен аспект на

Page 22: Chausidis Arheologija Enc. Maced

22

својот некогашен суверенитет, благодарение на преживувањето на Охридката архиепископија, која во наредните векови ќе ја игра улогата на носител на македонскиот духовен идентитет. Во престолнината Преспа е откриен гробот на Самоил, а во соседното село Герман, во Битола и во Прилеп - натписи врежани во камен, кои се врзуваат за годините на егзистенцијата на неговата држава.

Во 11. и 12. век, во Македонија ќе се кренат неколку востанија, организирани од локалните феудалци, со цел - формирање самостојна држава на овој дел од Балканот. Најзначајни се востанијата Добромир Хрс, Стрез, Петар Делјан и Георги Војтех. Од 12. до 14. век, Македонија постојано, секои неколку децении ќе ги менува своите поседници. Главно, тоа ќе бидат соседните балканските држави (Византија, Бугарија и Србија), а во неколку наврати и Норманите. Во 12. и 13. век ќе доминира Византиското влијание, особено трајно во јужните региони на Р. Македонија (Охридски регион, Пелагонија, области јужно од Демир Капија, Струмичко). Од 12. век, во неа започнува да се инфилтрира и Србија. Најпрво ќе бидат освоени северните области (Скопје и Полог), а за време на Душан и цела Македонија, а подоцна и Грција. По овие освојувања, Душан го оснива своето царство, како престолнина го прогласува Скопје и во него се крунисува за цар и го прогласува својот законик. Кон средината на 14. век, како плод на општите европски тенденции, големото Српско Царство се распаѓа на неколку помали држави, при што, со најголемиот дел на Македонија ќе владеат Волкашин и Углеша, а Охридската област ќе ја држи Андреа Гропа. Во тоа време, од исток низ Балканот брзо се шири Отоманската империја. Разединетите балкански државички не успеваат заеднички да и се спротивстават. Волкашин и Углеша ги пресретнуваат Турците на р. Марица, каде доживуваат пораз и загинуваат. По смртта на Волкашин, како негов престолонаследник стапува младиот крал Марко. Неможејќи да им се спротивстави на Османлиите, тој ќе се обиде да го одржи своето кралство, така што ќе ја признае нивната доминација, прифаќајќи ја функцијата на турски вазал. Со ова, за извесно време тој ја спасува Македонија од пустошења и грабежи. Ваквата ситуација трае се до 1395 г. кога Марко, загинува во Романија борејќи се на страната на Османлиите. По ова, Македонија ќе биде нападната од Османлиите и наспроти отпорот на неколку градови (Битола, Велес, Скопје) набргу вклучена во границите на империјата.

Населби и тврдини. Со доселувањето на Словените, во Македонија настанува силен рез во културата на живеење. Рановизантиските населби се сосем уништени, а населението е преселено во големите метрополи или во околните, тешко достапни планински села. Наспроти прифаќањето на елементи на доцноримската култура, новонаселените Словени не носат во себе навики на градско живеење. Од археолошките пронајдоци во Средна и Источна Европа дознаваме дека за нив биле типични живеалиштата од типот земјанки. Тоа се едноставни куќи со површина од дваесетина и повеќе квадратни метри, со една централна просторија, вкопана в земја на длабочина од околу 1 метар. Градени се од дрвена конструкција, со надворешни ѕидови од плитар или дрво и кров на две води, покриен со слама, со дрвени даскички или со бусени трева. Во внатрешноста на куќата, обложена со дрво или глина, се влегувало низ единствена врата, од која до подното ниво воделе скали. Во аголот стоела калотеста печка од камен и глина, наменета за готвење и загревање на куќата Во Македонија сеуште не се детално истражувани населби од овој период. Траги на вакво живеалиште, вкопано во една полуурната римска куќа, се констатирани во римскиот град Скупи. Уште две, подобро зачувани земјанки, од нешто подоцнежно време се пронајдени во рановизантиската тврдина кај Дебреште, Прилеп. Се смета дека набргу по доселувањето, поради значително потоплата клима, Словените ќе го напуштат ваквиот тип живеалишта и ќе ги прифатат посовршените античко - медитерански традиции на домување (надземни куќи од камен, плитар или од непечена тула). Но сепак, градби слични на наведените земјанки, со карактер на времени или стопански објекти, на Балканот ќе се градат се до 20. век, во рамките на селските населби, особено оние од повисоките и поладни подрачја.

Page 23: Chausidis Arheologija Enc. Maced

23

Неколкуте македонски наоѓалишта од рано - средновековниот период, укажуваат на афинитетот на новодоселените Словени за лоцирање на своите населби на рамни терени, покрај водни површини, т.е. реки, езера и мочуришта (примери: Виничани, Велес, Дебреште, Прилеп, Злокуќани, Скопје, "Св. Еразмо", Охрид).

Во полниот среден век, културата на градско живеење во Македонија ќе ги прими сите обележја типични за Медитеранот. Се до турската агресија, на подрачјето на денешна Р. Македонија ќе егзистираат четириесетина средновековни градови, главно изградени врз остатоците на претходните антички градови и тврдини. Повеќето од нив ќе го носат карактерот на рударски гратчиња, воени објекти и дворци на локалните феудалци. Имињата на голем дел од нив преживеале до денес, како називи на ближните села или области: Кожле во Скопско, Лешок и Собри (кај Орашје), Тетовско, Коњух, кај Кратово, Конче, кај Радовиш, Мородвис, кај Кочани, Тиквеш, кај Ресва, Кавадарци итн. Неколку од нив, како Скопје, Просек (кај Демир Капија), Охрид, Прилеп, Битола, Велес, Штип, Струмица, ќе се развијат во вистински градови, со бројно население, чаршии, станбени зони со стотици куќи и десетици цркви. Во ваквите градови јасно се издвојуваат два дела. Од една страна е укрепениот дел (горни град), наменет за феудалецот и неговата војска, лоциран на доминантен рид, окружен со бедеми и кули, а внатре со дворец, касарни, штали, магацини, цистерни за вода и црква. Под горниот град е подградието (варош) - трговско занаетчиски кварт, со површина од неколку хектари, без заштитни бедеми, со работилници, дуќани, живеалишта и цркви. Од градовите во Р. Македонија, единствено варошот на Охрид ќе добие бедеми. Кај нас се малку истражувани живеалиштата од овој период. Неколкуте градски куќи истражени во Прилеп и Охрид, дворците на "Кале" и на "Маркови Кули" во Скопје, како и површинските остатоци во Штип, покажуваат дека овие објекти доста наликувале на нашите пораскошни манастирски конаци. Во приземната зона се ѕидани од камен, тула и малтер, а на катот (еден или повеќе) се градени од полесни материјали (дрвени греди, непечена тула или даски). Крововите се покривале со керамиди (средновековни типови, помали од античките).

По Турската доминација, ќе продолжат да егзистираат неколку од средновековните градови, но како последица на војно - стратешките, економските и културните прилики на новото време, ќе бидат изградени нови турски градски населбии од типот "шехер", лоцирани во рамница, покрај постојните средновековни градови. Особен процут ќе доживеат Скопје, Битола, Охрид, Велес, Кратово, Штип, Тетово ... со богати трговско - занаетчиски и станбени квартови.

Керамика. Исселувањето на рановизантиските градови и населувањето на Словените јасно се манифестира и во керамичката продукција. Во 6. и 7. век ги снемува квалитетните доцноримски керамички садови, произведувани пред тоа во огромни количини. Наместо тоа, во рано - средновековните наоѓалишта се појавува поинаква керамика и во значително помал обем. Изработена е многу поскромно, со слободна рака или на бавно ротирачко грнчарско колце. Глината не е толку квалитетна, со бројни намерно внесени додатоци (парченца од кварцити за зголемување на термичките својста на садот и слама, за спечување на пукнатините). Садовите се многу послабо печени, на пониска и невоедначена температура, што резултира со сиво - црна и кафена боја на керамиката. Формите се сосем редуцирани. Најчести се грнците т.е. лонците, во разни големини, наменети за готвење на огниште, а се јавуваат и садови за течности, во вид на амфори, со две и бокали со една рачка (слични на денешните стомни). За Јужните и Источните Словени е специфична црепната - голема кружна тепсија од глина, со дебели ѕидови, наменета за печење леб и друга храна. Благодарение на нејзината денешна употреба во традиционалната култура, знаеме дека, црепните, се користеле така што, покриени со колусферичен капак (вршник) се внесувале и покривале со жар. Се смета дека во овој период керамичарството било во рацете на локалните, недоволно

Page 24: Chausidis Arheologija Enc. Maced

24

професионализирани мајстори, а дел од садовите (особено црепните), како и денес, се произведувале дома, од страна на жените.

Во полниот среден век, Словените ќе ги прифатат во поголем обем новите керамичарски технологии од Византија, така што, почнувајќи од 9. век, во македонските градови повторно се појавува во голем број квалитетна керамика, слична на онаа од доцноримскиот период. Печена е воедначено, во црвени нијанси, при што во глината често се додаваат ситно мелени кварцити и шамот, за подобрување на нејзините термички и други квалитети. Освен стандардните огнишни садови (грнци и црепни) украсени со едноставни врежани брановидни бордури, се појавува и полуксузна трпезна керамика, која е често дополнета со боени мотиви и застаклена површина. Најчесто се работи за паници и поплитки чинии, изработувани на следниот начин. Внатрешноста на полупечената чинија била премачкувана со бела глина на која е вцртуван цртеж (геометриски, растителни и животински мотиви). Потоа, добиените полиња се боени со неколку бои од минерално потекло (зелена од бакарен оксид, окер и црвена од железен оксид). На крај, садот се потопувал во оловен оксид кој по печењето се претворал во стаклеста лушпа. Најубавите такви садови, изработени кај нас, но и увезувани одстрана, се пронајдени при ископувањето на средновековните градови Скопје и Прилеп.

Орудија и оружје. Наспроти претставите за примитивноста на Словените, византиските извори наведуваат факти за широката употреба на оружје при нивните наезди на Балканот. Ова го потврдуваат археолошките наоди, но и ликовните претстави на воини (на пример, на металните плочки од Теаслија). Врз основа на овие факти, може да се зборува за диференцијација на засебни воени родови (коњаници, пешаци, стрелци, технички единици), кои употеребувале специфично оружје: мечеви, бојни секири, стрели, па дури и сложени опседни машини. Во полниот среден век, на Балканот и во Македонија ќе се одомаќат неколку конкретни типови оружје, во тоа време универзални за пошироките области на Европа и Медитеранот. Кај нас, тоа се увезувало од најразвиените тогашни производни центри. Таков е мечот од типот "волчјак", познат од примерокот откриен кај Кочани, но и од неколку ликовни претстави на свети воини во македонските цркви. Во Демир Капија е откриено челично копје, со зајакнат тулец и крилца, наменето за напад при галоп. Во еден гроб од манастирот Водоча кај Струмица, покрај покојникот е пронајден железен врв од боздоган шестоперец (со шест ребра). Се појавуваат и лесни боеви секири (Делчево) како и разни видови стрели, со листест, пирамидален или проширен врв, наменети за пробивање оклопи, нанесување широки рани или пак предизвикување пожари. На неколку наоѓалишта се откриени и панцирни оклопи, составени од ситни челични алки, наменети за одбрана на воините од удари со разновидно оружје. Во средновековните населби се откриени и разни орудија и тоа како дел од покуќнината (ножеви, секири, стругалки, огнила), како земјоделски алатки (српови, мотики) или како опрема за конкретни занаети (ковачки, златарски, дрводелски, ѕидарски ...).

Накит. Во раниот среден век, накитот на популациите доселени на Балканот го носи истото значење како оној од железното време. Неговата естетска функција е од второстепено значење во споредба со другите (како знак на етничката т.е. племенска припадност, означувач на полот, возраста и општествениот статус и како амулет со акцентирана магиско - религиска функција). Како и металодобниот накит и овој е погрубо изработен, главно во бронза и бакар, ретко од сребро и злато, а уште поретко во префинети златарски техники, со додатоци од стакло и полудрагоцени камења. Во раниот среден век, за Словените на Балканот се типични два типа фибули кои во овој период служеле за закопчување на тешката наметка (мантија) што го покривала телото. Од една страна тоа се тнр. двоплочести фибули познати и како прстести фибули. Нивниот носач бил леан од бронза или сребро и во разни варијанти го претставувал универзумот, кодиран со разни симболи и фигури на божества. Од друга страна, тоа се тнр. фибули со подвиена нога, кои за разлика од претходните се врзуваат и за машката

Page 25: Chausidis Arheologija Enc. Maced

25

носија. Тука се и разните токи за колан. Во рамките на "Комани" - култура се јавуваат бронзени приврзоци кои изгледа виселе на појасот, во улога на амулети. Особено се бројни примероците во вид на алка, дополнета со птици, во која некогаш стои женска фигура или коњ. Значајни се и обетките со ѕвездест додаток.

Почнувајќи од 9. век, на поголемиот дел од Балканот ќе се развие нов накит со мошне блиски обележја, кој во науката се поврзува со тнр. Белобрдска култура. Во него доминираат разни видови обетки и наушници (накит што не висел на ушите туку покрај нив), во вид на алка дополнета со разновидни додатоци. Чести се и белезици од разни типови, со проширени или стеснети краеви, со завршетоци во вид на змијски глави или пак белезици од неколку преплетени жици. Особено се бројни прстените од бронза, со сплесната глава, на која се изгравирани разни стилизирани претстави со христијанско но и постаро паганско значење. Се јавува и накит од стакло - пред се белезици во вид на алки од обоено стакло, неретко дополнети со орнамент. Во богатите градски средени бил во употреба и сребрениот и златниот накит. Најубавите примероци од Р. Македонија потекнуваат од Варош, Прилеп и од Оризари, Кочани, застапени со големи златни обетки, лентести белезици и брошеви, украсени во текника на филигран. Во Р. Македонија е редок накитот украсен во техника на емаил (вградување на обоено стакло во накит). Единствен средновековен примерок е откриен во некрополата кај Витолиште во Мариово. Говорејќи за оваа техника, треба да се спомне и ефхаристичната гулабица (дел од црковниот инвентар на накоја средновековна црква од Охрид), која е произведена во Лимож - едниот од најпознатите центри за емајл во Европа.

Религија. Словените на Балканот доаѓаат како многубошци, за што конкретно не известуваат византиските извори. Во еден од нив се нагласува дека Словените и Антите, меѓу своите богови го истакнуваат творецот на молњите, како врховен бог т.е. како владетел на вселената и му принесуваат во жртва бикови. Според деталите од житието на Св. Наум, може да се заклучи дека и Словените од Македонија или конкретно околу Охридскиот регион, каде тој проповедал во 9. и 10. век, почитувале дрвени и камени кумири (идоли). Траги на паганските култови се јавуваат и сред археолошките наоди. Во таа смисла од особено значење е оставата од дваесетина метални плочки од 6. - 7. век, откриени во с. Велестино во Тесалија, на кои покрај другото се претставени и боговите на словенското племе Велегизити, населено во тој регион. До карактерот и функциите на овие божества се доаѓа преку нивните атрибути, кои пак, даваат можности и за поврзување со имињата на словенските богови, познати од подоцнежните извори и од фолклорните традиции. Врховниот бог на овој "тесалиски пантеон" (Сварог, Вид ?) е прикажан преку машката фигура, чие торзо е изденачено со небескиот свод, по кое се движи сонцето. Божицата - Мајка (Мокош ?) е прикажана гола, со дете во скутот (веројатно новородениот соларен бог). Крилестата женска фигура со голи гради и страшно лице, обрабено со зраци, можеби ја претставувала небеската Лада. Идентификацијата на фигурата на маж со бујна коса и брада со громовникот (Перун ?) се базира врз секирата во неговите раце, која кај Словените е симбол на громот и молњата. Коњаникот со штит и меч го прикажува соларниот и воен бог (Х'рс или Сварожич) кој постојано патува низ небото, а пак ликот со човечка глава и животинско тело - хтонскиот бог (Велес, Црнобог ?). Присуството на старите словенски божества е потврдено и на територијата на Р. Македонија. Врховниот бог, овој пат прикажан со четири глави, е застапен на коскениот шилест предмет од тврдината кај Чучер, Скопје. Богот - Сонце е застапен преку приврзоци - амулети во вид на коњче со човечка глава на грбот (Прилеп, Зовиќ, Битола) и преку еден графит од црквата Св. Георги во градот Баргала, во вид на коњаник со тркало наместо глава. Хтонскиот бог е застапен на неколку амулети од Брагалничкиот регион, прикажан со глава од која растат билки. Неколку женски божици се застапени на приврзоците од "Комани" - култура.

Според христијанските извори, пагано-словенските традиции во Македонија и во околните подрачја се задржуваат формално до 9. век. Но, фактичката ситуација

Page 26: Chausidis Arheologija Enc. Maced

26

укажува на нивно многу подолго опстојување. Ова јасно го потврдува еден извор од 11. век, кој зборува за уривањето на идол во словенското село Ливадија, близу Солун. Доказ за траењето на старите пагански традиции се и имињата на словенските божества, до денес зачувани во македонските топоними. Такви се: ридовите Перун во Мариово и Перен во Кумановско; градот Велес; с. Велестово, и врвот Триглауш во Охридско; с. Црнобуки (порано Црнобоки) Битолско; месноста "Макошка", кај Кратово итн. Под притисок на христијанството, Словените ќе се откажат само од формалните елементи на својата стара религија. Ќе ги исфрлат имињата на старите богови од своите обреди и митолошки песни, односно ќе ги заменат со имињата на христијанските светци - покровители на истите природни елементи или сфери на културата. Врховниот бог ќе се издначи со Бог - Отец; божјата мајка со Богородица или Св. Петка; соларниот бог кој се раѓа секоја година, со Христос; громовникот со Св. Илија, а хтонскиот бог, со Св. Власиј, Св. Василиј и Св. Никола. На местата именувани со наведените топоними (и на уште многу други локации), до денес се изведуваат разни обреди кои носат силни пагански обелжеја, но сега под покровителство на христијанските светители кои ги замениле древните пагански божества.

Се претпоставува дека првите покрстувања на Македонските Словени започнале кон средината на 9. век, во времето кога Методиј престојувал како државен службеник во Брегалничкиот регион. Но првите, писмено потврдени акции на христијанизација се извеле 864 г., на истото подрачје, во време на бугарскиот кнез Борис (прексртен во Михаило). Појавата на словенската писменост одиграла најважна улога во процесот на прифаќање на христијанството од страна на словенското население во Македонија. Развојот на словенското глаголско и кирилско писмо и преводите на христијанските свети книги ќе значат и прифаќање на византиската култура, а со тоа и воведување на Словените во групата водечки европски и медитерански цивилизации. На локален план, овие процеси ќе обезбедат културно и етничко поврзување на Македонските Словени со автохтоните балкански народи и формирање на единствената градска култура на овој дел од Балканот. Сево ова ќе се оствари балагодарение на делото на светителите Кирил, Методиј, Климент, Наум и бројни други нивни следбеници. Кон крајот на 9. век, по враќањето од Моравската мисија, Климент и Наум доаѓаат во Охрид, каде ги подигаат своите манастири Св. Пантелејмон (подоцна Св. Климент) на "Плаошник" и Св. Архангели (подоцна Св. Наум) кај изворите на р. Дрим. Тука започнуваат нивните активности на покрстување, борба против паганството и обучувањето свештеници и учители.

По прифаќањето на христијанството, во Македонија ќе започне интензивен развој на црковната архитектура (изградба на цркви, манастири) и на црковното сликарство (фрески, икони и илустрации на црковни книги). Во средниот век, кај нас ќе бидат создадени дела што и денес се ставаат во самиот врв на светското културно наследство. Ова културно благо ќе биде сконцентрирано околу поголемите градски јадра, и тоа: Охрид: Св. Пантелејмон на Плаошник, Св. Наум, Св. Софија, Св. Богородица Перивлепта, Св. Јован Канео, Св. Богородица и Св. Никола Болнички; Скопје и околината: Св. Пантелејмон во Нерези, Св. Андреа во Матка, Св. Никита во Чучер, Св. Спас и Св. Архангели во Кучевиште, Марковиот манастир во Сушица; Прилеп: Св. Никола, Св. Архангел, Св. Димитрија, манастирите Трескавец и Зрзе; Струмица манастирите Св. Леонтиј, во Водоча и Св. Богородица Елеуса во Вељуса; Штип: Св. Архангел, Св. Спас и Св. Георги во Горни Козјак. Покрај овие, низ Македонија се расфрлени и голем број поединечни цркви и манастири. Да спомнеме неколку од нив: во Преспа: црквата Св. Ахил на островот Аил (на грчка територија), Св. Геогриј во Курбиново, Ресен, Полошкиот манастир во Кавадаречко, Св. Никола во с. Манастир, Мариово, манастирите Конче во Радовишко, Лесново во Пробиштипско, Псача и Осоговски манастир во Кривопаланечко, црквите во Старо и Младо Нагоричино и Матејче крај Куманово, Лешочкиот манастир во Тетовско и Кнежинскиот манастир во Кичевско.

Page 27: Chausidis Arheologija Enc. Maced

27

Ентериерот на овие храмови бил исполнет со бројни фрески (слики на малтерот од ѕидовите) и икони (црковни слики насликани на дрвена подлога, често вклопени во иконостаси од камен или дрво). Иако дел од средновековните цркви ќе настрадаат за време на турското владеење, нивната обнова и изградбата, иако со помал обем, ќе продолжи и во овој период.

Почнувајќи од 9. век, во историските извори се спомнува богумилството - дуалистичка ерес која имала силно јадро во Македонија. Како дериват на наведеното манихејство, и ова учење го толкува светот како борба на силите на доброто, претставени со Бог и силите на злото зад кои стои Ѓаволот. Богумилите го презирале материјалниот свет, па оттука и црквите, владетелите, државните институции, имотот и богатството. Водач на движењето во Македонија, во 10. век бил поп Богомил, а неговото јадро, врз база на топонимијата се поврзува со областите околу с. Богомила и р. Бабуна, Велешко. Доминира ставот дека ова религиско учење се појавило како плод на влијанијата од Блискиот исток и Мала Азија. Но не е исклучена можноста, тоа да се темели и врз местните манихејски заедници кои во Македонија се чини, егзистирале уште во доцната антика. Постојат хипотези дека некои словенски племиња, биле запознаени со дуалистичките ереси уште во старата татковина - на Северното Прицрноморје, како плод на религиските струења од Сасанидска Персија. Наспроти силните прогони, ова движење во Македонија ќе опстојува се до доцниот среден век, а ќе изврши силно влијание и врз други делови на Балканот (Босанската богумилска црква) и пошироко (Патаренското движење во Западна Европа).

Погребување. Кремацијата на покојниците доскоро се сметала за единствен погребен обичај типичен за паганите Словени. На археолошките наоѓалишта е претставен со едноставни гробови во кои пепелта на покојникот е положена во урна, обликувана како обичен кујнски лонец. На подрачјето на Р. Македонија, такви гробови не се со сигурност констатирани, но се подобро познати во околните балкански области (Србија, Бугарија, Грција). Во последно време се повеќе се потврдува дека некои словенски етноси (особено Антите), под влијание на иранојазичките популации, уште пред христијанизацијата го прифатиле инхумирањето, најчесто без обичајот на оставање во гробовите било какви, за археологијата видливи прилози. Отсуството на прилози, создава многу проблеми околу докажувањето на староста и етничката припадност на таквите гробови. Фактот што во Р. Македонија се скромно регистрирани словенските гробови со урни, може да се објасни со фактот дека на овие балкански подрачја се населиле токму етноси од антската групација. Такви инхумирани поргебувања впрочем се констатирани на некрополите од "Комани" - култура (во Р. Македонија на "Св. Еразмо", Охрид, Радолишта, Струга и Виничани, Велес).

По покрстувањето, Словените од Македонија ги усвојуваат погребните обичаи својствени за христијанството (инхумација на покојникот, легнат на грб со главата на запад). Кај нас се истражени бројни христијански некрополи од полниот среден век, во кои се откопани по десетици па и стотици гробови. Гробиштата сега често се лоцираат околу цркви или пак на издигнато место блису до пат. Гробовите се главно едноставни, во вид на јама, окружена со венец од камења, но има и посложени примери, во вид на сандаци од камени плочи или гробови ѕидани од тули. Подетално истражени се некрополите кај "Плаошник" во Охрид, во Демир Капија, Мородвис, кај Кочани, Водоча, кај Струмица, неколку локации на "Маркови Кули" и "Варош" во Прилеп, Витолиште во Мариово, островот "Голем Град" на Преспа, кај античка Хераклеја во Битола итн. По своето значење се издвојуваат и ретките гробови на црковните великодостојници и на локалните феудални владетели, главно лоцирани во христијанските храмови, што тие ги подигале како свои задужбини. Покрај гробовите на Св. Климент и Наум, поставени во нивните цркви во Охрид, особено се истакнуваат гробовите на семејството на Самоил, откриени во регионот на Преспа. Во катедралата Св. Ахил (остров Аил на езерото Мала Преспа), грчките археолози откриеле неколку

Page 28: Chausidis Arheologija Enc. Maced

28

камени саркофази. Во едниот од нив се констатирани остатоци на покојник во зрела возраст, облечен во пурпурна облека, извезена со златни орнаменти. Присуството на медалиони со пар орли, заедно со уште некои факти, упатува на идентификација на овој покојник со царот Самуил. Од соседното село Герман потекнува надгробна плоча, од чиј натпис се дознава дека ја поставил Самуил, во чест на своите починати родители и братот Давид. Се смета дека гробот над кој стоела се наоѓал во селската црква Св. Герман, подигната токму во самоилово време. Владетелски гробови од подоцнежниот период се откриени и во Полошкиот манастир кај Кавадарци (веројатно на Душановиот брат Драгушин) и во Ѓуришкиот манастир кај Св. Николе, каде во гроб е најдена обетка со монограм на кралицата Марија Палеологова.

Page 29: Chausidis Arheologija Enc. Maced

29

Илустрации: Палеолит: 1. Камени орудија, палеолит, пештера "Голема Пешт" кај с. Здуње, Брод. (фотографија да се побара од Љиљана Коробар, Музеи на Македонија) Неолит: 2. План на куќа - светилиште, неолит, Маџари, Скопје. (автор: В. Санев, МАА бр. 9, стр. меѓу 24 и 25) М. Д. 3. Керамички жртвеник во вид на куќа, неолит Породин, Битола. (цртеж: Praistorija Jugoslavije, Neolit) М. Д. 4. Сликани садови. неолит, Амзабегово, Свети Николе. (Македонија - културно наследство стр. 32) М. Д. 5. Мермерна фигурина на божица, неолит, Маџари, Скопје. (календарче за 2002 г. на Музеите на Македонија). 6. Култен предмет "Мајка Куќа", неолит, Говрлево, Скопје. Слајд на Милош Билбија, Музеј на град Скопје, (публикуван во Македонија -

културно наследство, стр. 33) М. Д. 7. Керамичка фигурина на маж ("Адам од Говрлево"), неолит, Говрлево, Скопје. Фото да се земе од Милош Билбија, Музеј на град Скопје. Енеолит: 8. Култен предмет во вид на глава на коњ, шуплевец (цртеж: Praistorija Jugoslavije, Eneolit) М. Д. 9. Керамичка фигурина на божица, Врбјани, Прилеп. (слајд на Душко Темелковски, од Завод и музеј во Прилеп) М. Д. 10. Керамички садови, енеолит, Р. Македонија. (компилација цртежи од Praistorija Jugoslavije, Eneolit) М. Д. Бронзово доба: 11. Керамички садови, бронзово доба, Р. Македонија. (компилација цртежи од Praistorija Jugoslavije, Bronzano doba) М. Д. 12. Микенски меч, бронзово доба, непознат локалитет во Тетовско. (каталог: "Старо оружје" Музеј на Македонија, стр.9) 13. меч, сад, приврзок во вид на двојна секира, наоди од владетелски гроб,

преоден период меѓу бронзово и железно доба, Беранци, Битола.

Page 30: Chausidis Arheologija Enc. Maced

30

(компилација цртежи од Praistorija Jugoslavije, Bronzano doba) М. Д. Железно доба: 14. Каменен надгробен споменик, преоден период меѓу бронзово и железно доба,

Уланци, Велес. (насловна страна на книгата на Драги Митревски, Протоисториските заедници

во Македонија) М. Д. 15. План на некропола под насипана могила, преоден период и железно доба,

Беранци, Битола. (Цртеж на Д. Митревски, Протоисториските заедници во Македонија) М. Д. 16. Керамички сликани садови, железно доба, Зовиќ и Живојно, Битола. (фотоси: Македонија - културно наследство, стр.40) М. Д. 17. Керамички садови, работени на грнчарско колце. железно доба, некропола

кај "Сува Река", Гевгелија (фотоси: Македонија - културно наследство, стр.41.) М. Д. 18. Бронзен накит ("Македонски" т.е. "Пајонски бронзи", железно доба, "Сува

река" кај Гвегелија, Радање, Штип (компилација од готографии во: Македонија - културно наследство, стр.42, 43) М. Д. 19. Рекоинструкција на облеката, накитот и култната опрема на свештеничката,

погребана во некрополата кај Марвинци, Валандово, железно доба. (цртеж на Драги Митревски, објавен во МАА 15, стр.84) Рана Антика: 20. Одбрамбена кула со бунар, рана антика, антички град Билазора, Кнежје, Св.

Николе. (цртеж на Зоран Георгиев, објавен во списанието Културно наследство) М. Д. 21. Златни посмртни маски, рана антика, Требеништа, Охрид. (компилација на фотоси од: Уметничко богатство на Македонија и П. Кузман,

Уметноста на Требеништа, сл.1) М. Д. 22. Бронзени вази (кратери), рана антика, Требеништа, Охрид. (фото на целиот сад: Музеји у Југославији; детал со Горгона: П. Кузман,

Уметноста на Требеништа, сл. 27) 23. Бронзен шлем, рана антика, Делогожда, Струга. (каталог: "Старо оружје", Музеј на Македонија, стр.4) М. Д. 24. Златна обетка, рана антика, Беранци, Битола. (фотос: Македонија - културно наследство, стр.74.) 25. Керамижки сад за вода (хидрија) и дета од ликовната декорација, Рана

антика, Демир Капија (фотос: Македонија - културно наследство, стр.77.)

Page 31: Chausidis Arheologija Enc. Maced

31

М. Д. 26. Жртвено погребување (воини и коњи со кочија), Рана антика, "Жданец" -

Скопје. (цртеж: Иван Микулчиќ, Антички градови во Македонија, стр. 124) М. Д. Римско доба: 27. Реконструкција на плоштадот во градот Стоби, римски период, Градско,

Велес. (цртеж на Иван Микулчиќ, Антички градови во Македонија, стр. 377). 28. театар во Хераклеја Линкестис, римски период доба, Битола. (фото: Виктор Лилчиќ, Македонско наследство бр. ) М. Д. 29. бања (терми), римски период, бања Банско, Струмица. (слајд: Виктор Лилчиќ) М. Д. 30. Реконструкција на римска куќа, "Стакина Чешма, Валандово (цртеж на Дафина Герасимовска, Антички куќи во Македонија, насловна страна) М. Д. 31. Куќа на Партениј, римски период, антички град Стоби, Градско, Велес. (фото: Уметничко богатство на Македонија стр.) М. Д. 32. Стаклен сад од типот дијатретум, римски период, Селокуќи, Дебар (Археолошка карта на Македонија, Т. 2, стр. 123) М. Д. 33. Камени статуи на божествата Асклепиј, Дионис и Изида, римски период,

Стоби (Градско, Велес) и Лихнид (Охрид) (компилација до фотоси публикувани во: Уметничко богатство на Македонија,

стр. и Македонија - културно наследство, стр 83) 34. Римски надгробни споменици од градот Скупи (кај Злокуќани, Скопје)

реконструирани пред Музејот на град Скопје, римски период. (да се направи фото) 35. Симболички претстави (веројатно манихејски) на надгробните споменици од

Кавадаречко (цртежи на Н. Чаусидис) 36.Фрески, крстилница на Епископската базилика во Стоби, ранохристијански

период, Градско, Велес. (фото: Уметничко богатство на Македонија, стр. и Македонија -

културно наследство, стр 86). М. Д. 37. Детал од поден мозаик, голема базилика, ранохристијански период,

Хераклеја Линкестис, Битола. (фото: Македонија - културно наследство, стр 85) 38. Керамички релјефни плочи, "Кале", Виница (фото: Македонија - културно наследство, стр 86, 87) Среден век:

Page 32: Chausidis Arheologija Enc. Maced

32

39. Куќа - земјанка (реконструкција), ран среден век Дебреште, Прилеп. (цртеж: Б. Бабиќ, Статија во зборникот: Цивилизации на почвата на Македонија,

165). М. Д. 40. Реконтрукција на средновековниот град (и дворец) Чрнче, "Маркови Кули"

на Водно, Скопје (И. Микулчиќ, Средновековни градови во Македонија, стр. 285) М. Д. 41. Средновековен град Прилеп, "Маркови Кули" - Прилеп (слајд на Никос Чаусидис) М. Д. 42. Раносредновековни садови (грнци и црепна), Охрид и околината. (компилација од Уметнижкото богатство на Македонија, стр ) М. Д. 43. Глеѓосани чинии од Скопје и Прилеп, среден век, (компилација од Уметничко богатство на Македонија, стр ) 44. Словенски фибули од Македонија, ран среден век, Прилепец, Прилеп, Битола

и Виничани, Велес. (компилација: Н. Чаусидис) 45. Златни обетки од Оризари Кочанско (Уметничко богатство на Македонија, стр ) 46. Гарнитура накит за глава, наоди од женски гроб, среден век, Демир Капија, (Елица Манева Демир Капија) М. Д. 47. Железен меч од типот "волчјак", среден век, регион на Кочани. (каталог: "Старо оружје" Музеј на Македонија, стр. и цртеж: И. Микулчиќ, средновековни градови во Македонија, стр. 90). 48. Челично копје, среден век, Демир Капија, (цртеж: Никос Чаусидис) М. Д. 49. Метални плочки со претстава на словенските богови, ран среден век,

Велестино, Тесалија (цртеж: Никос. Чаусидис) М. Д. 50. детал од фреска (Св. Пантелејмон) и штукатурам црква Св. Пантелејмон,

манастир Нерези, Скопје. (фото: Уметничко богатство на Македонија, стр ) М. Д. *ИСФРЛЕНИ ПАСУСИ*