28
Завршна семинарска Po predmetot: Semejno i nasledno pravo ТЕМА : Poim i vidovi na testament Изработилa: Мукаетова Тодорка проф. d-r Temelko Risteski Индекс :07/0030 Ass. m-r Maja Kambovska 1

семејно и наследно

  • Upload
    -

  • View
    66

  • Download
    1

Embed Size (px)

Citation preview

Page 1: семејно и наследно

Завршна семинарска

Po predmetot:

Semejno i nasledno pravo

ТЕМА :

Poim i vidovi na testament

Изработилa:

Мукаетова Тодорка проф. d-r Temelko Risteski

Индекс :07/0030 Ass. m-r Maja Kambovska

1

Page 2: семејно и наследно

С О Д Р Ж И Н А :

1. Поим за тестамент ...........................................................................3-4

2. Видови на тестамент.........................................................................4-6

Своерачен тестамент.............................................................7-9

Писмен тестамент пред сведоци.......................................9-11

Судски тестамент.................................................................12-14

Дипломатско – конзуларен тестамент.............................14-15

Меѓународен тестамент......................................................14-17

Устен тестамент.....................................................................18-20

Тестамент составен за време на воена состојба.........21-22

2

Page 3: семејно и наследно

1. ПОИМ ЗА ТЕСТАМЕНТ

Во Законот за наследувањето на Р. Македонија како и во многу други

законодавства не е дадена дефиниција на поимот тестамент. Во законот

едноставно е речено дека “ завештателот може со тестамент да располага со

својот имот на начин определен со овој закон “( чл.9 од ЗН ), како и “ Тестамент

може да состави секое лице способно за расудување кое што наполнило 15

години”(чл.62 од ЗН). Ва правната теорија под поимот тестамент се подразбира

онаа еднострана наредба на последната волја со која едно лице прави распоред

на својот имот за случај на смрт, односно со кое едно лице прави поинаков ред

на наследување од оној што е предвиден во законот.

Тестаментот некогаш претставувал свечена изјава на последната волја со која

завештателот определувал само кому да му припадне и како да се распредели

неговиот имот по неговата смрт. Како главна и основна содржина во тестементот

се јавувало определувањето на личноста на еден или на повеќе универзални

наследници на завештателот.

Во римското право тестаментот се разликувал од таканаречениот кодицил,

кој исто така претставувал еднострана изјава на последната волја со која едно

лице врши распоред на имотот за случај на смрт, но секогаш без да се назначува

лицето што ќе се појави како негов универзален наследник. Тестаментот е стар

исто колку и наследувањето, иако има мислења дека тестаменталното

наследување се јавува подоцна од законското наследување.

Тестаментот, како наредба на последната волја на едно лице, претставува

своевидно правно дело што се одликува со својства карактеристични за него како

изјава на волјата која ќе произведе дејство дури по смртта на лицето што го

составило. Тестаментот спаѓа во групата на правни дела за случај на смрт, (mortis

causa), за разлика од оние дела што се групирани во правни дела меѓу живите

(inter vivos), поделба извршена уште во римското право, а важи до ден денес.

Тестаментот се јавува, понатаму, како еднострано правно дело, бидејќи за

неговата полноважност е потребна изјава на волјата само на едно лице.

3

Page 4: семејно и наследно

Тестаментот мора да биде направен во однапред определена законска

форма, и на крајот, тестаментот секогаш се појавува како отповикливо правно

дело.

2.ВИДОВИ НА ТЕСТАМЕНТ

Формите на тестаментот низ историјата биле различни, тие се разликувале

не само кај одделни народи и држави, туку и во секоја одделна земја постоеле

повеќе видови на тестамент што можеле да се користат во секое време или само

во определени конкретни случаи. Како најстара форма на тестамент во римското

право се споменува testamentum calatis comitiis, што го составувале возрасните

римски машки граѓани, и тоа двапати годишно. Натамошниот развој на формите

на тестаментот бележи појава на бројни видови тестаменти, со повеќе или

помалку формалности, при што како основна поделба се споменува постоењето

на редовни и вонредни тестаменти, како и на приватни и јавни тестаменти.

Како редовни тестаменти во натамошниот развој на римското право се

познати усниот тестамент и писмениот тестамент ( своерачно напишан или

пишуван од друго лице). Овие три вида тестаменти спаѓале во групата на

приватни, ако како јавни тестаменти, кои истовремено биле и редовни

тестаменти, биле познати: тестаментот составен пред надлежен суд или пред

некој друг надлежен државен орган, како и тестаментот предаден на чување во

императорската канцеларија или на императорот лично.

Како вонредни тестаменти во посткласичното римско право се наведуваат :

тестаментот за време на епидемија на чума, тестаментот составен в село,

тестаментот во кој како наследници се именуваат децата на завештателот,

тестаментите на војниците, како и тестаментите на слепите и на глувите лица.

Во 1911 година е укинат усниот тестамент како редовно формален тестамент.

Истовремено со укинувањето на усниот тестамент, во извесна смисла била

упростена и формата на писмениот тестамент.

4

Page 5: семејно и наследно

Нашето ново, повоено наследно право познава повеќе видови на

тестаменти. За прв пат тие беа прифатени во Законот за наследувањето од 1955

година, имено се работи за следните тестаментални форми :

- Своерачен тестамент;

- Писмен тестамент пред сведоци;

- Судски тестамент;

- Тестамент составен пред дипломатски или конзуларен претставник во

странство;

- Тестамент составен за време на воена состојба;

- Меѓународен тестамент;

- Устен тестамент .

Во која од овие форми ќе се користи зависи исклучиво од волјата на самиот

завештател, но тој мора да води сметка и за постоењето на посебни околности,

доколку сака да користи некоја од редовните или вонредните форми на тестамент.

Во теоријата на нашето наследно право се врши поделба на тестаментите на

јавни и приватни и на редовни и вонредни.

Поделбата на тестаментите на јавни и приватни, влече корени од римското

право како јавни се сметале оние тестаменти чие составување се одвива со учество на

државен, односно на јавен орган на власта, и тука се вбројуваат : судскиот тестамент,

диполоматско – конзуларниот тестамент, војничкиот тестамент, и меѓународниот

тестамент. Како приватни тестаменти се сметаат оние тестаменти во чие составување

не учествува државен или некој друг јавен орган, а завештателот го составил својот

тестамент сам или со учество на со законот определен број сведоци. Во оваа група кај

нас се вбројуваат следниве тестаменти : своерачниот тестамент, писмениот тестамент

пред сведоци и усниот тестамент.

Поделбата на тестаментите на редовни и вонредни, е позната низ целата

историја на постоењето на тестаментите. Оваа поделба на тестаментите се засновува

врз три момента : времето на правењето на тестаментот, формата на тестаментот и

времето на важењето на тестаментот. Како редовни тестаменти според нашето

наследно право се јавуваат : своерачен тестамент, писмениот тестамент пред сведоци,

судскиот тестамент, дипломатско – конзуларниот тестамент и меѓународниот

5

Page 6: семејно и наследно

тестамент. Сите овие пет вида тестаменти можат да се користат во секое време,

времето на нивното важење е неограничено. Формата на сите јавни тестаменти од

оваа група е иста т.е. онаа што во законот е определена за судскиот тестамент, а

формата на приватните тестаменти од оваа група е малку поублажена. Како вонредни

тестаменти кај нас се јавуваат: војничкиот тестамент, бродскиот тестамент и усниот

тестамент. Сите овие три тестамента, од кои еден е приватен (усниот), а другите два се

јавни (бродскиот и војничкиот), можат да се користат точно во законски определеното

време и под определени несекојдневни услови. Времето на важењето за сите нив е

ограничено на доста кусо време по нивното составување.

А) СВОЕРАЧЕН ТЕСТАМЕНТ

1.Поим. Своерачен е оној тестамент што завештателот ќе го напише и ќе го

потпише со своја рака. Во оваа смисла во законот е определено дека “тестаментот е

полноважен ако го напишал завештателот со своја рака и ако го потпишал” (чл.66 од

ЗН). Своерачниот тестамент спаѓа во групата на редовни и во групата на приватни

тестаменти, и е еден од најраспространетите форми на тестамент речиси во сите

наследни права. Своерачниот тестамент овозможува целосна дискреција и тајност.

Завештателот може да ја зачува тајната за составениот тестамент и за неговата

содржина и со тоа да ги избегне макар и најмалите недоразбирања и нетрепеливости

што можат евентуално да настанат во вакви случаи. За полноважност на овој вид

тестаменти треба да постојат два суштествени елементи : прво, тестаментот мора да

биде напишан лично од страна на завештателот, и второ - завештателот треба

тестаментот и да го потпише.

2. Кој, кога и како може да составува своерачен тестамент. Своерачен

тестамент може да составува секое тестаментално способно лице, кое во моментот на

изјавувањето на последната волја е писмено, т.е. знае и може да пишува. Ваков

тестамент може да се прави во секое време и под какви било околности. Доволно е

6

Page 7: семејно и наследно

тестаторот да има на располагање хартија и молив или што и да било друго на што и со

што ќе може да го напише она што им го остава на своите наследници како наредба на

својата последна волја.

3. Суштествени елементи за полноважност на своерачниот тестамент.

- Како прв суштествен елемент се јавува условот целата содржина на тестаментот да

биде напишана лично од страна на завештателот. При тоа битно е да се знае дека

своерачен тестамент може да составува само писмено лице кое знае и може да

пишува. Така, неписменото лице никогаш не може да составува своерачен тестамент,

но тоа не може да го прави и слепо лице како и лице што е тежок инвалид ( без обете

раце). Јазикот и писмото на кој ќе биде составен тестаментот немаат никакво значење

за неговата полноважност, но при ова секако тоа треба да биде јазикот со кој

завештателот се служел било во катадневното комуницирање било повремено. Исто

така тука треба да се повтори дека јазикот и писмото со кој е напишан своерачниот

тестамент треба да му бидат познати на завештателот во моментот на составувањето

на тестаментот и затоа да нема сомневање, особено во случаите кога тестаментот не е

напишан на мајчиниот јазик на завештателот.

- Како втор елемент за полноважноста на своерачниот тестамент се јавува потписот на

завештателот. Завештателот треба да го потпише својот тестамент, со тоа што потписот

може да биде составен од целото име и презиме, но не е погрешно потписот да биде

напишан и на друг, од завештателот најчесто практикуван начин на потпишување.

Ставањето, само на иницијали не може и не би требало да се прифати како правно

релевантен потпис. Во литературата и судската практика се прифаќа како полноважен

и оној тестамент што не содржи потпис на завештателот, а од чија содржина јасно

произлегува роднинскиот однос помеѓу завештателот и наследниците што се

назначени во тестаментот. Исто така завештателот својот тестамент може да го

потпише користејќи го својот псевдомин, или своето уметничко име или презиме,

својот прекар или нешто слично. Читливоста на потписот не претставува елемент за

полноважност на тестаментот.

4. Несуштествени елементи на своерачниот тестамент. Во нашето наследно

право датумот на составувањето на своерачниот тестамент, па и местото каде што е

составен, се јавуваат како несуштествени елементи, т.е. во нашето наследно право

дури изречно се нагласува дека “ за полноважност на своерачниот тестамент не е

7

Page 8: семејно и наследно

нужно, но е корисно, во него да е означен датумот кога е составен “ ( член 67 од ЗН).

Своерачниот тестамент не мора да носи заглавје “тестамент” или нешто слично.

Писмото што претставува наредба на последната волја може да биде озаглавено на

начин на кој завештателот им се обраќа на своите наследници и сл. Но тоа писмо не

мора ни да има каков и да било наслов, а од самата содржина на писмото е јасно дека

се работи за тестамент чија содржина треба да биде реализирана по смртта на

завештателот.

5. Време на важење на своерачниот тестамент. Што се однесува до времето на

важењето на своерачниот тестамент не е ограничено.

Б) ПИСМЕН ТЕСТАМЕНТ ПРЕД СВЕДОЦИ

1.Поим. Писмен тестамент пред сведоци е претходно напишана исправа што

завештателот своерачно ќе ја потпише во присуство на двајца сведоци изјавувајќи

истовремено пред нив дека е тоа негов тетстамент. Овој тестамент бил познат уште во

римското право и од самиот назив употребуван за овој тестамент ( алографски

тестамент ) се гледа дека истиот е напишан претходно од друго лице, а не лично од

завештателот. Овој тестамент може да биде претходно напишан и од страна на

завештателот, но при тоа завештателот мора тестаментот да го потпише во присуство

на најмалку двајца сведоци изјавувајќи дека тоа е негов тестамент, за да биде

исполнета предвидената во законот форма за полноважност на овој вид тестамент.

Денес во многу наследни права во светот писмениот тестамент пред сведоци не е

познат, односно не се признава за полноважен не само поради потенцијалните

можности за злоупотреба, туку и поради честите злоупотреби. За полноважност на овој

вид тестамент според нашето наследно право е потребно завештателот кој знае да

чита и пишува, својот потпис да го стави пред двајца сведоци на порано составена

исправа и истовремено пред сведоците да изјави дека писмената изјава е негов

тестамент па потоа сведоците и самите да се потпишат на тестаментот.

2. Кои, кога и како може да составува писмен тестамент пред сведоци. Ваков

вид тестамент може да составува секое тестаментално способно лице, кое во

моментот на потпишувањето на тестаментот знае да чита и да пишува. Од тука, не е

8

Page 9: семејно и наследно

полноважен оној писмен тестамент пред сведоци “ ако завештателот, кој инаку знае да

чита и да пишува, не може да го прочита составот на тестаментот поради ослабнат вид

или поради некоја друга причина”, односно “ ако завештателот бил слеп или ако

поради оштетување на видот, не бил во состојба да чита и пишува. При правењето на

овој вид тестамент се тргнува од претпоставката дека завештателот, пред да го стави

својот потпис на тестаментот, претходно се запознал со содржината на истиот, па во

оваа смисла во судската практика е искажано мислење дека за полноважноста на

писмениот тестамент пред сведоци “ не е суштествено дали завештателот навистина го

прочитал, туку само дека бил во состојба да го прочита”.

3.Суштествени елементи за полноважност на писмен тестамент пред сведоци.

- Како прв суштествен елемент за полноважност на овој тестамент се јавува изјавата

на завештателот дека писменото што претходно е составено и тој го потпишува

своерачно е негов тестамент. Меѓутоа, ирелевантна околност е тоа кој претходно го

напишал тестаментот во ваков случај. Тоа може да го стори секое трето лице, но

најчесто тоа е адвокат, па оттука писмениот тестамент пред сведоци во практиката се

нарекува и адвокатски тестамент.

- Потписот на завештателот кај овој тестамент мора да биде целосен, зашто во

спротивен случај тестаментот би бил неполноважен. Во судската практика е искажано

мислење дека не е полноважен оној писмен тестамент пред сведоци кога

завештателот, кој инаку знаел да чита и пишува, поради некој телесен недостаток на

писменото ставил ракознак наместо своерачен потпис. Ирелевантна е и околноста на

каква хартија и со помош на каква машина за пишување и со какви букви е напишан

тестаментот. Еден од суштествените услови за полноважност на писмениот тестамент

пред сведоци е фактот дека завештателот во времето на правењето на таквиот

тестамент знаел да чита и да пишува и тоа на оној јазик на која е составена исправата.

-Како трет елемент за полноважноста на овој тестамент се јавува присуството на

двајца сведоци. Имено завештателот треба во присуство на двајца сведоци да го

потпише тестаментот и истовремено да изјави дека исправата што ја потпишува е

негов тестамент. “Ако потпишувањето на тестаментот од страна на завештателот не

биде проследено со изјава дека тоа е негов тестамент” и ако “завештателот

тестаментот не го потпишал пред двајца сведоци туку само пред еден, а другиот

сведок дошол кога завештателот и едниот сведок веќе го потпишале” тестаментот не

9

Page 10: семејно и наследно

може да биде полноважен. Потписот на двајцата сведоци и на тестаментот исто така се

јавува како суштествен елемент за полноважноста на овој вид тестамент. Како сведок

при составувањето на писмен тестамент пред сведоци може да се појави секое лице

што ги исполнува општите и посебните услови за да може да биде тестаментален

сведок, при што од него посебно се бара да знае да чита и да пишува на јазикот на кој

е напишан и самиот тестамент.

4.Несуштествени елементи на писмениот тестамент пред сведоци. Како

несуштествен елемент за овој вид тестамент се јавува препораката дека е корисно при

потпишувањето на сведоците да се означи нивното својство на сведоци. Означувањето

на датумот и местото каде е потпишуван тестаментот не претставува елемент без чие

назначување би се довела во прашање полноважноста на писмениот тестамент пред

сведоци.

5.Време на важење на писмениот тестамент пред сведоци. Времето на

важењето на овој тестамент не е ограничено, бидејќи и овој тестамент според нашето

наследно право спаѓа во групата на редовни тестаменти.

В) СУДСКИ ТЕСТАМЕНТ

1.Поим. Судски тестамент е јавна исправа што, според кажувањето на

завештателот, ја составува надлежен судија на начин определен во законот. Во оваа

смисла во Законот за наследувањето е речено дека “тестаментот на завештателот, по

негово кажување може да му состави судија на основен суд, кој претходно ќе го

утврди идентитетот на завештателот.”(чл.67 од ЗН). Судскиот тестамент спаѓа во

групата на редовни и јавни тестаменти. Денес овој вид на тестамент е познат во

поголем број европски земји. Во нашето наследно право е дозволено завештателот да

може да предаде свој однапред направен тестамент на чување во судот.

2.Кој, кога и како моѓе да составува судски тестамент. Судски тестамент може

да составува секое тестаментално способно лице. Ваков тестамент може да прави не

само лице што знае да чита и да пишува туку и лице што е неписмено или кое од кои и

да било причини не е способно да чита и да пишува во моментот на составувањето на

тестаментот. Ваков тестамент може да составува и лице што неможе да зборува (немо)

10

Page 11: семејно и наследно

и лице што неможе да слуша (глуво) како и глувонемо лице. Судски тестамент може да

се составува во секое време и овој вид тестамент може да се составува во просториите

на судот или во домот на завештателот, како и во болница или на друго место ако за

тоа постојат оправдани причини.

3.Суштествени елементи за полноважност на судскиот тестамент. За

полноважноста на судскиот тестамент треба води сметка не само завештателот, туку и

судијата кој според кажувањето на завештателот го составува судскиот тестамент. Во

таа смисла учеството на судијата во составувањето на судскиот тестамент како да

претставува еден вид гаранција за полнпважноста на тестаментот и за вистинитоста на

самата изјава за последната волја на завештателот.

-Како прв суштествен елемент за полноважност на овој вид тестамент се јавува

учество на судија на основниот суд при негово составување, како и присуството на

определен број сведоци кога е тоа е потребно. Секој судија на основниот суд може да

учествува при составување на судски тестамент, меѓутоа како судија кој според

кажувањето на завештателот ќе го составува тестаментот не може да се појави лице

што е во определен вид и степен во сродство со завештателот. Така во својство на

судија не може да се јави потомок на завештателот ниту негов посвоеник како и

нивните потомци, неможе да биде предок, ниту негов роднина по странична линија до

четвртиот степен на сродството заклучно, како и брачните другари на овие лица, како

и на самиот завештател.

Што се однесува до сведоците сведок не може да биде лице на кое му е одземена

деловната способност, на лице кое не ги исполнува посебните во законот предвидени

својства, како на пример лице кое не знае да чита и да пишува, како и лице кое не го

разбира јазикот на кој е составен тестаментот.

-Како втор суштествен елемен за полноважност на судскиот тестамент јавуваат

утврдувањето на идентитетот и на тестаменталната способност на завештателот на

начин предвиден во законот. Судскиот тестамент е ништовен доколку судијата што го

составува тестаментот, во случај кога не го познава завештателот лично и по име,

неговиот идентитет нема да го утврди со двајца полнолетни сведоци.

-Како трет суштествен елемент за полноважност на судскиот тестамент се јавува

читањето и потпишувањето на тестаментот од страна на лицата што се определени во

законот. Судскиот тестамент е ништовен ако сведоците не биле присутни при читањето

11

Page 12: семејно и наследно

на тестаментот и при потпишувањето, односно при ставањето на ракознак, а

завештателот не бил во состојба да го прочита тестаментот. Ќе биде ништовен и оној

судски тестамент што е составен од повеќе листови, ако притоа сите листови не се

сврзани и потпишани од завештателот и ако не се заверени од судија со ознака од

колку листови се состои тестаментот.

4.Време и важење на судскиот тестамент. Времето на важењето на судскиот

тестамент е неограничено ,бидејќи, како што беше кажано, и овој тестамент спаѓа во

групата на редовни тестаменти.

Г) ДИПЛОМАТСКО-КОНЗУЛАРЕН ТЕСТАМЕНТ

1.Поим. Дипломатско-конзуларниот тестамент е јавна исправа составена

според кажувањето на завештателот од страна на дипломатски или конзуларен

претставник, кој врши конзуларни работи во странство, на начин определен во

законот. Во Законот за наследување конкретно е речено дека “ полноважен e

тестаментот составен од државјанин на Република Македонија во странство според

одредбите што важат за составување на судски тестамент од страна на конзуларен или

дипломатски претставник на Република Македонија којшто врши конзуларни

работи.”(чл.72 од ЗН). Од ова произлегува дека дипломатско-конзуларниот тестамент

по својата форма е всушност судски тестамент, со таа разлика што при неговото

составување не учествува судија, туку дипломатски или конзуларен претставник на РМ

во странство. Дипломатско-конзуларниот тестамент своето потекло го вади од

француското право и спаѓа во групата на редовните и јавните тестаменти, и притоа овој

тестамент не е единствената форма на тестамент што може наш државјанин да го

користи додека се наоѓа во странство.

2.Кој, кога и како може да составува дипломатско-конзуларен. Ваков вид на

тестамент може да составува секој наш државјанин што претстојува во странство, без

оглед на тоа дали таму живее и работи постојано или се нашол привремено. Со оглед

на правилото дека дипломатско-конзуларниот тестамент се составува според

одредбите што важат за составување на судски тестамент, во однос на личноста што

може да составува ваков тестамент важи едно генерално правило, според кое “секое

12

Page 13: семејно и наследно

тестаментално способно лице кое во земјава може да составува судски тестамент,

може во странство да состави тестамент во некое наше дипломатско или конзуларно

претставништво”. При составувањето на овој вид тестамент завештателот не мора

добро да го знае јазикот што е во службена употреба во претставништето каде што

сака да го состави тестаментот, т.е. може да користи и друг јазик но доколку биде

можно да се обезбеди присуство на заколнат преведувач. Овој тестамент може да се

составува секогаш, т.е. во секое време. За разлика од судскиот тестамент, овој

тестамент може да се составува исклучиво во зградата на дипломатското или

конзуларното претставништво за време на редовното работно време.

3.Суштествени елементи за полноважноста на дипломатско-конзуларниот

тестамент. Како суштествени елементи при составувањето на овој тестамент се

јавуваат сите оние што се однесуваат и на судскиот тестамент.

4.Време на важење на дипломатско-конзуларниот тестамент. Времето на

важењето на овој тестамент е неограничено, бидејќи и тој припаѓа на групата на

редовни тестаменти.

Д) МЕЃУНАРОДЕН ТЕСТАМЕНТ

1.Поим. Meѓународниот тестамент е писмено напишано своерачно или од

некое друго лице, што е потпишано од завештателот во присуство на судија на основен

суд или на друго овластено лице и на двајца сведоци изјавувајќи дека тоа е негов

тестамент и дека е запознаен со неговата содржина. Меѓународниот тестамент во

поглед на својата форма е всушност писмен тестамент, кој го добива своето

меѓународно значење и форма на јавна исправа откако, по неговото составување

дополнително ќе бидат преземени во законот предвидените посебни дејства. Оттука

во Законот за наследувањето е нагласено дека “формата на тестаментот не влијае врз

неговата полноважност како меѓународен тестамент” и дека овој тестамент е

полноважен во поглед на формата “без оглед на местото каде што е направен, каде

што се наоѓа имотот, на државјанството и на живеалиштето, односно на

престојувалиштето на завештателот (чл.74 од ЗН).

13

Page 14: семејно и наследно

Меѓународниот тестамент спаѓа во групата на редовни и јавни тестаменти. Тој

најпрвин се составува во која и да било форма на тестамент, а неговото предавање,

потпишување и заверка се врши на начин предвиден во законот, и има јавен карактер

бидејќи сето тоа се врши во присуство и со активно учество на овластено лице на

надлежен државен орган и на двајца сведоци. Овој тестамент кај нас е воведен со

Законот за дополнување на Законот за наследување со цел да се обезбеди во што

поширок обем почитување на изјавата на последната волја по пат на установување на

една нова, дополнителна форма на тестамент, наречена “меѓународен тестамент”.

2.Кој, кога и како може да составува меѓународен тестамент. Ваков тестамент

може да составува секое деловно односно тестаментално способно лице, имено секое

физичко лице што може да составува и судски тестамент. Ваков тестамент може да

составува како писмено така и неписмено лице, лице што не го знае или го знае

јазикот што е во службена употреба на судот, лице кое своерачно може да го потпише

тестаментот и лице кое од кои и да било причини, на може да го стори тоа. И на крајот

ваков тестамент може да се составува како во земјата, така и во странство. Во поглед

на времето овој тестамент важи се до неговото евентуално отповикување.

За составување на меѓународен тестамент надлежен е судија на основниот суд

кој е надлежен и за составување на судски тестамент. Меѓународен тестамент за

државјанин на Република Македонија во странство можат да состават и дипломаските

или конзуларните претставници на Република Македонија, кои ќе ги определи шефот

на дипломатското или конзуларното претставништво (чл.76 од ЗН).

3.Суштествени елементи за полноважност на меѓународниот тестамент. Како

суштествени елементи на овој вид тестамент се јавуваат поинакви елементи од оние

елементи што се нужни за полноважноста на судскиот тестамент. Имено формата на

меѓународниот тестамент не се појавува како суштествен елемент за неговата

полноважност, туку како таква се јавува постапката за неговото потврдување, односно

составување како меѓународен тестамент.

-Како прв суштествен елемент за полноважноста на овој вид тестамент се јавува

учеството на овластено лице при составувањето на меѓународниот тестамент, како и

на двајца сведоци кои ги исполнуваат условите предвидени во законот.

-Како втор суштествен елемент за полноважноста на овој тестамент се јавува изјавата

на завештателот дадена пред овластеното лице во присуство на двајца сведоци, со

14

Page 15: семејно и наследно

која тој потврдува дека писменото што го донел во судот е негов тестамент и дека е

запознаен со неговата содржина.

-Трет суштествен елемент е потписот на завештателот или, од негово име, потписот на

некое друго лице, како и потписот на овластеното лице и на двајцата сведоци ставени

на самиот тестамент во исто време од сите лица што учествувале во постапката за

составување на меѓународен тестамент.

-Како четврт суштествен елемент за полноважност на овој тестамент се јавува датумот

на тестаментот кој мора да биде ставен на крајот на тестаментот од страна на

овластеното лице, и тоа во моментот кога тоа го потпишува тестаментот.

4. Време на важење на меѓународниот тестамент. Времето на важењето не е

ограничено, бидејќи по својата форма тој спаѓа во редовните и јавните тестаменти, чие што

временско важење со ношто не е ограничено.

Ѓ) УСТЕН ТЕСТАМЕНТ

1.Поим. Усниот тестамент е изјава на последната волја што завештателот ја

дава усно пред двајца сведоци, бидејќи поради постоење на исклучителни околности

во тој момент не бил во можност на поинаков начин да состави тестамент. Меѓутоа не

секоја усно изјавена желба е устен тестамент, оттука во Законот е речено дека

“завештателот може да ја изјави својата последна волја усно пред двајца сведоци само

ако поради исклучителни околности не е во можност да состави писмен

тестамент”(чл.90 од ЗН). Усниот тестамент во нашето наследно право спаѓа во групата

на приватни и вонредни тестаменти. Приватен е зашто при неговото составување не

учествува јавен орган, а вонреден затоа што се составува во вонредни т.е.

исклучителни околности.

Усниот тестамент потекнува од римското право кога бил практикуван како една

од редовните форми на приватен тестамент. Полноважноста на усниот тестамент во

римското право била условена со присуството на седум сведоци специјално повикани

за да ја ислушаат изјавата на последната волја на завештателот. За полноважноста на

усниот тестамент, според неговата законска формулација, постојат два суштествени

15

Page 16: семејно и наследно

услови: изјавата на последната волја завештателот треба да ја изнесе пред двајца

сведоци, под услов во тој момент поради исклучителни околности да не е во состојба

да состави писмен тестамент.

2.Кој, кога и како може да состави устен тестамент. Устен тестамент може да

составува секое деловно, односно тестаментално способно лице. Притоа треба да се

нагласи дека ваков тестамент може да прави лице што не е немо или глувонемо, зашто

усното излагање на последната волја е единствен начин на кој се составува овој

тестамент. Устен тестамент завештателот може да составува само ако поради

постоење на исклучителни околности не е во можност да состави тестамент во некоја

друга со законот предвидена форма. Во законот не е кажано ништо за тоа кои се тие

исклучителни околности, но сепак како такви околности од објективна природа се

посочуваат некои елементарни непогодици во кои голем број луѓе се доведени во

една тешка и за животот опасна ситуација, како на пр. епидемија, поплава, земјотрес,

затрупување на рударски јами, пожар, судар на возови итн.

Дали при составувањето на усниот тестамент во конкретен случај постоеле

исклучителни околности, па според тоа дали на тој начин изјавената последна волја ќе

се признае за полноважен тестамент е фактичко прашање кое судот, во случај на спор,

го оценува според околностите на дадениот конкретен случај. Како исклучителни

околности во судската практика се опфатени ситуации кога поради тешка болест и

изнемоштеност, како и поради некои објективни околности завештателот навистина не

бил во состојба да постапи поинаку. Меѓутоа болеста на завештателот сама по себе не

може да се смета како исклучителна околност за составување на устен тестамент.

3.Суштествени елементи за полноважност на усниот тестамент. Како

суштествени елементи за полноважност на усниот тестамент се јавуваат следните:

-Како прв суштествен услов се јавува постоњето на исклучителни околности во кои

завештателот ја дал својата изјава на последната волја. Ако судот оцени дека при

составувањето на усниот тестамент во конкретниот случај не постоеле такви

исклучителни околности усниот тестамент може да биде поништен и тоа во целост.

-Како втор услов за полноважност на усниот тестамент се јавува присуство на двајца

сведоци во моментот кога завештателот ја изразува својата последна волја во форма

на устен тестамент. Сведоците при правењето на устен тестамент треба да ги

исполнуваат општите услови што ги предвидува законот за да може едно физичко

16

Page 17: семејно и наследно

лице да биде сведок при составувањето на писмен тестамент пред сведоци и на

судски тестамент. Ова значи дека како сведок на устен тестамент може да се појави

само полнолетно, деловно способно лице, кое не е во определено сродство со

завештателот. При составувањето на устен тестамент можат да бидат сведоци “само

лица што можат да бидат сведоци при составувањето на тестамент, но не мора да

знаат да читат и пишуваат.” Сведоците треба да присуствуваат истовремрно кога

завештателот ја дава својата изјава, иако има и мислење според кои сведоците не

мора истовремено да бидат присутни, туку усната изјава може да биде дадена прво

пред едниот а потоа пред другиот сведок. За правната полноважност на усниот

тестамент не е решавачко дали сведоците на тестаментот биле истовремено присутни

при составувањето на усниот тестамент, при што треба да се оцени оправданоста на

таквото постапување на завештателот.

4. Несуштествени елементи на усниот тестамент. Како несуштествен елемент за

полноважноста на усниот тестамент се јавува во законот предвидената должност на

сведоците на усниот тестамент ”без одлагање да ја стават на писмено изјавата на

завештателот и што побрзо да му ја предадат на судот или усно да ја повторат пред

судот, изнесувајќи кога, каде и во кои услови завештателот ја изјавил својата последна

волја”(чл.92 од ЗН). Оваа должност на сведоците при усниот тестамент е резултат на

желбата на законодавецот содржината на тестаментот да не се заборави и да се зачува

и обезбеди што поголема автентичност на изјавената последна волја, па затоа во

законот е јасно нагласено дека “извршувањето на оваа должност не е услов за

полноважноста на усниот тестамент.”

5.Време на важење на усниот тестамент. Важењето на овој тестамент е

временски ограничено, имено во законот е точно определено дека “усниот тестамент

престанува да важи кога ќе поминат триесет дена од престанувањето на

исклучителните околности во кои е составен.” Доколку завештателот по истекот на

определеното време по престанувањето на исклучителните околности остане жив, ќе

мора да состави нов тестамент.

Е) ТЕСТАМЕНТ СОСТАВЕН ЗА ВРЕМЕ НА ВОЕНА СОСТОЈБА

17

Page 18: семејно и наследно

1.Поим. Војнички тетамент е изјава на последната волја составена според

кажувањето на лице на воена должност, од страна на определен воен старешина за

враме на траењето на во законот определената воена состојба. Имено според

законската формулација, војнички тестамент е онаа исправа што е составена за време

на воена состојба според одредбите што важат за составување на судски тестамент на

лица на воена должност од страна на командирот на четата или на некој друг

старешина од неговиот или од повисок ранг, или од некое друго лице во присуство на

некој од овие старешини, како и од секој старешина на одделен одред (чл.73 од ЗН).

Војничкиот тестамент кај нас беше воведен со Законот за наследувањето од 1955

година па денес е прифатен и во сите наследни права. Тој спаѓа во групата на

вонредни и јавни тестаменти. Вонреден е со оглед на условите во кој е дозволено

неговото составување ( за време на траење на определена воена состојба), а јавен

поради учеството на воен старешина, кој при неговото составување ќе ги користи

правилата што важат за составувањето на судски тестамент.

2.Кој, кога и како може да составува војнички тестамент. Војнички тестамент

може да составува секое лице под услов да се наоѓа на воена должност, а тоа значи

дека ваков тестамент може да составува тестаментално способно воено лице ( војник

или воен старешина ), како и доброволци кои во тие моменти ќе застанат во одбрана

на земјата исполнувајќи го своето уставно право и должност. Војнички тестамент не

може да се составува во секое време и во секоја околност. Во законот е јасно речено

дека е полноважен само оној војнички тестамент што е составен за време на

непосредна воена опасност, мобилизација или воена сосотојба. Можноста за

составување на војнички тестамент се проширува и за време на поголеми воени вежби

што имаат мобилизационен карактер.

3.Суштествени елементи за полноважност на војничкиот тестамент. Како

суштествени елементи за полноважност на овој вид тестамент се јавуваат сите оние

околности што се однесуваат и на судскиот тестамент.

4.Време на важење на војничкиот тестамент. Времето на важењето на

војничкиот тестамент е ограничено. Војничкиот тестамент престанува да важи по

истекот на шеесет дена по завршувањето на воената состојба, а ако завештателот

порано или подоцна е демобилизиран, по истекот на триесет дена од

демобилизирањето (чл.73 од ЗН). Оттука за важењето на војничкиот тестамент не е

18

Page 19: семејно и наследно

суштествен моментот кога ќе се пронајде тестаментот, туку моментот на смртта на

завештателот. Ако завештателот умрел за време на воените настани или најдоцна 30

дена откако бил демобилизиран, неговиот тестамент ќе биде полноважен, а ако умрел

по овие во законот определени рокови, војничкиот тестамент ќе се прогласи за

неважечки.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА :

1. Д-р Миле Хаџи Василев – Вардарски, Наследно право, Скопје, 1983

2. Закон за наследување

19